Започнува уште едно издание на „Скомрахи“ под мотото „Дионизија сега“

Под мотото „Дионизија сега“, тие својата креативност, идеи и енергија ќе ја престават од 1-ви до 5-ти ноември во повеќе простори во градот – Академската сцена на ФДУ, Драмскиот театар, Албанскиот Театар, Младинскиот културен центар и Котур Кафе и Филм

Со претставата „Кралот Иби“ на Алфред Жари во изведба на студентите на Факултетот за драмски уметности, вечерва во 20:00 часот, во Драмскиот театар во Скопје ќе биде отворено 32. издание на Студентските средби „Скомрахи“.

Пиесата „Кралот Иби“ може да се смета за зачеток на драмата на апсурдот и во неа се прикажуваат настани и ситуации што се во основата гротескни, изместени и апсурдни.

Студентските средби Скомрахи на Факултетот за драмски ументости (ФДУ) и годинава ги обединуваат во Скопје студентите од повеќе европски драмски и филмски академии. Под мотото „Дионизија сега“, тие својата креативност, идеи и енергија ќе ја престават од 1-ви до 5-ти ноември во повеќе простори во градот – Академската сцена на ФДУ, Драмскиот театар, Албанскиот Театар, Младинскиот културен центар и Котур Кафе и Филм.

Публиката ќе има единствена можност да види театарски претстави и филмови на студенти од Украина, Белгија, Швајцарија, Словенија, Романија, Бугарија, Чешка заедно со студентите на ФДУ.

Програмата на 32-то издание на Скомрахи 2024 вклучува и  изложба за ре-употреба на театарски „отпад“, колективна перформативна прошетка низ Скопје со Лабораторијата за просторно изведувачки практики „Градот како сцена“, панел дискусија, разговори по претставите и музички настани.

Во рамките на театарската програма, на 2 ноември во 20:30 часот, на академската сцена на ФДУ ќе биде изведена претставата „Сладок мал лажго“ на Одделот за драма на Кралскиот конзерваториум Антверпен, Белгија, а од 22:00 часот, на таа локација – „Како ги плашам луѓето“ на Националниот универзитет за театар, филм и телевизија од Киев, Украина.

На 3 ноември во 20:30 часот, во Албанскиот театар во Скопје ќе биде изведена „Доошлогдадо“ на Академијата на уметностите од Берн, Швајцарија. Следуваат претставите „Figurae Veneris Historiae“ на Академијата за театар, радио, филм и телевизија од Љубљана, Словенија, (на 4 ноември во 20:30 часот, на академската сцена на ФДУ) и „Двојна прослава“ на Националниот универзитет за театар и филм, Театарска академија, од Букурешт, Романија (на 5 ноември во 20:00 часот, во МКЦ).

Во „Котур кафе и филм“, пак, ќе биде претставена филмската програма на „Скомрахи“. На 4 ноември во 17:00 часот ќе има разговор со режисерот Георги Унковски, со кинематограферот Наум Доксевски и со филмскиот монтажер Мартин Иванов, за филмот „Налепница“. Од 18:30 часот следува претставувањето на Школата за филм и телевизија при Академијата за сценски уметности во Прага, Чешка, со „Како да се сака Мартин“ во режија на Људмила Цимбуркова; „Момче, Заб, Т-рекс“ во режија на Зоја Чунг и Равен Јуан и „Приказна за Додо“ во режија на Ема Хулкова. Потоа е Националната академија за театарска и за филмска уметност „Крсто Сарафов“ од Софија, Бугарија, со „Лазарус“ во режија на Орлин Менкаџиев и „Чорба од лук“ во режија на Христијан Захариев, па Академијата за применети уметности од Риека, Хрватска, со „Сарма“ во режија на Марин Лукановиќ, како и ФДУ со „Зад ридот“ во режија на Христијан Крстевски, во продукција на „Импресија“ и „Фрозен тајм дропс“.

Програмата на „Скомрахи 2024“ вклучува и изложба за реупотреба на театарскиот „отпад“ (отворање на 2 ноември во 11:00 часот, на ФДУ), потоа колективна перформативна прошетка низ Скопје со Лабораторијата за просторно изведувачки практики „Градот како сцена“ (на 3 ноември во 18:00 часот), панел-дискусијата „Поинаков начин да се биде“ (на 2 ноември во 19:00 часот, на ФДУ), како и разговори по претставите и повеќе музички настани.

Паралелно со програмата, на ФДУ ќе се одвива и работилница за развој на колективниот перформанс насловен „Дионизија сега“, кој ќе биде изведен на последниот ден од средбите (5 ноември во 19:30 часот, во МКЦ), а во чие создавање, покрај студентите на ФДУ, ќе учествуваат и сите учесници на „Скомрахи“, потоа студентите од ФЛУ, ФМУ и од Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје, студентите од одделите Циркус и изведувачки уметности и Театарска педагогија на Академијата за уметност „Фонтис“ од Тилбург, Холандија, како и неколкумина уметници од локалната дрег-сцена.

– Годинашните „Скомрахи“, целосно конципирани и програмирани од студентите на ФДУ, се инспирирани од колективното ослободување низ екстатичноста на дионизиските церемонии. Иако ѝ припаѓаат на далечната историја, дионизиите сè повеќе стануваат потребни како одговор на затвореноста, исклучивоста и на насилството во денешниот свет. Наспроти нив, студентите на „Скомрахи“ повикуваат на здружување низ прегрнување на сите наши различности, посебности и противречности. И на колективно ослободување, преку свечено заедништво – велат организаторите.

Настаните на „Скомрахи“ се отворени за публиката, со бесплатен влез. Средбите годинава се поддржани од ФДУ/УКИМ, Министерството за култура и од Europe House.

На 1 ноември во Драмскиот театар – Скопје ќе се изведе претставата „Кралот Иби“ на Алфред Жари од студентите на ФДУ. Настаните на Скомрахи се отворени за публиката, со бесплатен влез.

Средбите годинава се поддржани од ФДУ/УКИМ, Министерството за култура на РСМ и Europe House

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни