Вчера, во ,,Јадро” во 19 часот беше отворено десеттото издание на книжевниот фестивал ,,Друга приказна”, кој низ годините, преку издавачката куќа ,,Темплум” директно придонесува во поттикнување на критичка мисла во современата книжевност и пред сè – нејзино оснажнување.
Суштината на фестивалот ,,Друга приказна” е поврзана и со потребата како заедница да се стремиме кон пристап кој ќе ни овозможи сега и тука да работиме на културата и преку неа да го осовременуваме општеството. Низ годините, важни културни чинители биле добитници на главната награда на фестивалот, како Давид Албахари, Влада Урошевиќ, Оља Савичевиќ Иванчевивиќ, Ненад Величковиќ, Јана Бауер, Георги Господинов, Дубравка Угрешиќ, Синиша Туциќ и Семездин Мехмединовиќ. Со неговата историја и континуитет е истовремено поврзана и наградата ,,Новите” која ги афирмира авторите кои претходно не издале книга, во прозна форма.

Оваа година фестивалот полни 10 години, но условите за работа се навистина предизвикувачки. Уште еднаш, културните манифестации како ,,Друга приказна” директно, со нивното реализирање ги отвараат прашањата за тешкотиите со кои се работи култура на независната сцена кај нас, инаетот и пркосот да се опстои и да се создаваат во континуитет нешта кои имаа трајна општествена вредност. Одлична програма и различни активности се предвидени за целиот викенд.
Вчеравечер, програмата ја отвори предизвикувачки разговор меѓу Филипа Сара Попова и Марко Трпески, кој во поинаков формат од очекуваните книжевни разговори, ги разобличи нивните процеси на создавање и доживување на стварноста преку уметноста. Вечерта продолжи со емотивен разговор посветен на Лилјана Дирјан во кој учествуваа Никола Гелевски, проф. Елизабета Шелева и Роберт Алаѓозовски, а беше затворен со промоција на новиот сет од играта ,,Добро прашање”. Она што останува како впечаток по одржувањето, е дека сепак, скопската публика е жедна за овој фестивал и дека неговото одржување не само што е важно за сцената во Македонија, туку и активно придонесува во нејзиното шаренило, кое ни е потребно повеќе од кога било.

Токму во контекст на фестивалот, предизвиците за неговото одржување, но и за борбата на културните работници во оваа смисла, ја пренесуваме изјавата на Никола Гелевски, кој од самите почетоци како негов основач работи на оваа визија со тим кој низ годините се менувал, без да се изгуби идејата за квалитетна понуда која на македонската публика ќе и понуди бунт, промислување, немир и пред сè добра книжевност.

Вака ја најавивме првата ,,Друга приказна”, во јуни 2016: „Време е за друга приказна. Не само општествено-политичка, туку и културна. Не само макро туку и микро. Затоа решивме да ја поттурнеме работата. Годинава прв пат го организираме скопскиот книжевен фестивал за мали фикции, ДРУГА ПРИКАЗНА. Ќе се одржува секоја година. Оваа година, и поради „Шарената револуција“, главна тема на фестивалот е „Книжевноста и активизмот“.
Фестивалот првенствено е македонски (што значи, не строго скопски!) и регионален, но има и европска димензија; гости на фестивалот често ќе бидат луѓе од Европа.
Фестивалот има цела низа цели; меѓу поважните се: популаризација на книжевноста; преиспитување на улогата на книжевноста во општеството; преиспитување на жанровските граници, на релациите меѓу „популарното“ и „елитното“, „високото“ и „ниското“, ангажираното и ескапистичкото; преиспитување на улогата на писателот во новите локални и глобални контексти; осмислување и практикување на нови стратегии за културни поврзувања, и локално и регионално и глобално; вмрежување на македонските автори и искуства во регионален контекст; збогатување на скопската културна понуда лете…
Поднасловот на фестивалот, Мали фикции, значи дека наш примарен интерес се малите книжевни форми, згодни за јавно и сценско споделување. Но, нè интересираат и хибридните книжевни форми, местата каде што книжевноста се среќава со музиката, графиката, медиумите, естрадата, теоријата…“
,,Друга приказна” низ годиниве главно се држеше до првичните принципи. Низ фестивалот поминаа стотина странски гости и барем двојно или тројно повеќе домашни учесници. Многумина не беа само писатели туку теоретичари, уметници, музичари… Фестивалот се одржуваше во неколку простори во Скопје: Мобилната галерија, МСУ, МКЦ, Сули ан, Пионерски дом Карпош, Бруталиск, кафе Станица… ,,Друга приказна” се држеше до својот експериментален формат и се обидуваше да се преиспитува и менува. На пример, воведовме детска програма, и тоа беше добра промена. Годинава нудиме нови разговорни формати, и преку читачкиот клуб Одрадек и преку концептот Помеѓу двајца (цел еден свет).

Последниве години потешко го организираме фестивалот оти пари за култура има сè помалку, не само во нашата земја. Сепак, тврдоглави сме во опстојувањето, ако ништо друго како форма на почит кон минатото. Книгоиздателството Темплум годинава има два значајни јубилеи: 10 години од книжевниот фестивал ,,Друга приказна” и 20 години од наградата ,,Новите” за најдобар дебитантски прозен ракопис. Двата важни јубилеи ќе ги одбележиме во јули и октомври, во рамките на дводелното десетто издание на фестивалот ,,Друга приказна”.
Добитничка на главната награда за 2025 е Светлана Слапшак, писателка од Словенија.* Доаѓањето на Слапшак и на неколку други писател(к)и од регионов го планираме за октомври, ако обезбедиме буџет.
Од 11 до 13 јули во културниот центар ,,Јадро¨ ќе се одржи првиот дел на нашиот фестивал. Во тридневната програма дена предвидени се десетина содржини: промоции на неколку нови книги во едицијата Магма, три разговори во читачкиот клуб Oдрадек (првпат ќе бидат изведувани пред публика), два разговори во новиот разговорен формат Помеѓу двајца (цел еден свет) и промоција на вториот сет, Фамилија, на психолошката игра со карти Добро прашање. Програмата ќе се одвива од петок до недела, од 19 до 22 часот. Ќе учествуваат триесетина луѓе од нашата земја.
Преку ден граѓаните по намалени цени ќе можат да купуваат книги од книгоиздателството Темплум, кое го организира фестивалот ,,Друга приказна”.