Изминатата година повторно беше најтопла досега измерена во Европа, со рекордно високи температури во централните, источните и југоисточните делови на континентот, што предизвика сериозни временски непогоди.
Само поплавите минатата година директно погодиле најмалку 413.000 луѓе ширум Европа.
Олујните бури биле сѐ почести и поинтензивни, поплавите масовни, а континентот бележи силен климатски контраст – екстремно суво и топло на исток, а топло и влажно на запад.
Во извештајот, кој вклучува придонеси од околу 100 научници, се наведуваат низа загрижувачки показатели. Меѓу нив е и највисоката досега измерена температура на површината на морето, која била 0,7°C над просекот за Европа и 1,2°C над просекот во Медитеранот.
Овој индикатор е особено алармантен бидејќи температурите на морската и океанската површина делуваат како „гориво“ за атмосферските системи – колку е водата потопла, толку повеќе водена пареа и енергија се ослободуваат во атмосферата, што го засилува интензитетот на невремињата и екстремните временски појави.
Кога станува збор за екстремните горештини, југот на Европа го забележа најдолгиот топлотен бран во историјата – дури 13 последователни дена, со што бил погоден 55% од регионот.
Од друга страна, само 31% од европската територија имала барем 90 дена со мраз, што е најмал процент досега забележан.
Во однос на глечерите, сите европски региони претрпеле загуба на мраз, а особено погодени биле Скандинавија и Свалбард, каде се измерени највисоки стапки на губење на мраз во историјата.