Четврта изложба по ред насловена како Имагинариум, меѓутоа единствена од овој тип затоа што јас сум сликарка и мултимедијална уметница. Не работам само илустрација, работам и со видео арт и со уметничка инсталација и со сликарство. Темите ми варираат и ова е прва изложба на илустрации кои ја поставувам тука. Надвор од Македонија имам учествувано на повеќе групни изложби, изјави за читателите на Трн, илустраторката Христина Мазнеска која вчеравечер ја отвори нејзината прва самостојна изложба „Имагинариум“ во изложбениот дел на МКЦ.
Таа вели дека уште во 2019 почнала да работи онлајн како самостојна уметница фриленс и така ги пронашла или ја пронашле некои автори со што почнала да работи за странскиот пазар.
Трн: Што ве инспирираше да се фокусирате на создавање илустрации за деца?
Христина: Целата приказна за тоа како се запознав со илустрацијата беше многу случајно. Во 2018 по моето дипломирање се вработив во студио за анимација каде што работев на цртан филм и таму работевме со тим илустратори и аниматори каде се запознав со илустрацијата, иако низ целата моја кариера и како дете бев фасцинирана од илустрацијата од книгите кои ги читав тогаш и од цртаните филмови со кои практично пораснав. По студиото за анимација почнав да соработувам со странски автори со кои се запознаваав онлајн на платформи за работа. Првата соработка ми беше со осумгодишно девојче од Бугарија, Стефанија Митева, која беше автор на книгата која ја илустрирав. Таа имаше напишана фантастична епска приказна за девојче коешто се вика Нора и со магичен кристал сака да го направи светот подобро место за живеење. Така почнаа и соработките да се нижат. Соработувам со автори од Велика Британија, Австралија, Канада и САД. Се надевам дека во иднина ќе соработувам и со автори од Македонија.
Трн: Можете ли да зборувате за темите и концептите кои преовладуваат во вашата работа?
Христина: Како уметник сум доста селективна во однос на работата која прифаќам да ја работам. Пред се треба приказната да ме привлече пред да почнам со работа. Ме привлекуваат силни женски ликови, приказни кои инспирираат особено кои ја поддржуваат младата детска публика, за моралните вредности и како да израснат во здрави личности. Самото мое ликовно изразување и визулелизирање доаѓа со моето чувство како ја замилсувам самата приказна. Поради тоа моите книги се разликуваат стилски каде што некаде користам реалистичен приказ, некаде цртан приказ, зависи од тоа колку и на кој начин ќе ме понесе приказната а зависи и од преференците на авторот.
Трн: Како одлучувате за палетата на бои и стилот за секоја илустрација?
Христина: Вивидните живи бои коишто ги користам се всушност од мојата љубов кон пастелот. Уште додека бев ученичка во средното уметничко училиште Лазар Личеноски обожавав да работам со пастел. Секогаш ја користев живата палета на бои така што тоа самото природно се пренесе и на мојот илустраторски опус. Не сум фан на загасени бои, голем фан сум на бои кои веднаш освежуваат и ги прават децата радосни. Кога децата гледаат палета на живи разиграни бои и самите стануваат живи и радосни. Според психологијата на боите секоја боја си носи своја рефлексија и како ќе делува на луѓето. Секоја боја предизвикува различно чувство.
Трн: Дали имате омилена илустрација или проект што сте особено возбудени да ги прикажете на оваа изложба?
Христина: Да, се разбира секој илустратор или уметник има омилени чеда. Така и јас особено би сакала да ја издвојам „Mother Earth why are you crying“ која што е плод на соработка со една австралиска авторка со која веќе подгтвуваме и втора книга. Особено ми се драги затоа што како поминува времето си го наоѓам мојот стил на работа и сметам дека тоа е можеби топ фаворит кој би го издвоила од оваа поставка.
Трн: Дали има некои илустрации кои имаат посебно значење или лични приказни зад нив?
Христина: Имам лични моменти во приказните. Омилени предмети, животни. Како на пример обожавам да прикажувам печурки, мали животинки значи многу се фокусирам на детали и на природниот свет, на флората и фауната. Самата сум голем љубител на природата и тој аспект се обидувам да го пренесам на илустрациите.
Трн:Како обезбедувате вашите илустрации да резонираат со вашата млада публика?
Христина: Можеби во начинот на прикажување на емоциите поради тоа што во самите ликови од приказната од илустрацијата имаат ранг на емоции, самите фацијални експресии кои што ликот може да ги прикаже, мислам дека тоа е многу важно за да можат децата да се конектираат со тоа што е визуелизрано. Тоа се емоциите пред се и како прават тие да се чувствуваат додека ги гледаат илустрациите.
Трн: Дали има некои експериментални или уникатни техники што сте ги користеле за оваа изложба?
Христина: Сите илустрации се дигитално изработени на таблет за цртање во Фотошоп, тоа ми е омилена алатка последните 4, 5 години, иако работам и традиционално со акварели кои можеби ќе ги изложам на некоја следна изложба.
Трн: Кои се некои од предизвиците со кои се соочивте додека ги создававте овие илустрации и како ги надминавте?
Христина: Мислам дека стравот од бело платно и бел лист хартија преовладува кај сите уметници кога почнува да создава едно дело. Во илустрацијата многу ми помага тоа што цртам прво на скеч бук, во скицникот. Секогаш кога одам некаде цртам и доловувам моменти од природата и потоа тие скици ми користат како инспирација и основа за почнување на илустрациите. Така ги поминувам препреките. Голема улога играат и другите уметници и илустратори кои ме инспирираат постојано. Уметноста на видео игрите ме инспирира исто така.
Трн: Дали по оваа изложба имате планови или аспирации за вашите идни проекти или соработки?
Христина: Планирам да издадам моја книга и самата пишувам и оваа работа ме охрабри на некој начин и јас да почнам да пишувам дело кое и би го илустрирала во втората фаза. Книгата ја подготвувам заедно со мојот партнер кој исто така има талент за пипување, заедно со него соработував и на двете видео игри кои исто така се дел од оваа изложба.
Трн: Каков совет би им дале на илустраторите илустратори, особено на оние кои се заинтересирани да создаваат уметност за деца?
Христина: Да не се плашат да ја земат четката во рака, да се ослободат од секакви грижи и стравови затоа што во уметноста мораш да бидеш храбар и да бидеш одлучен за тоа што сакаш да го сработиш.