За да ги заштити граѓаните од климатските промени Македонија треба да инвестира 6,4 милијарди долари

Северна Македонија би можела да се соочи со економски штети до 4 отсто од нејзиниот бруто домашен производ (БДП) до 2050 година поради влијанието на промената на климата, се истакнува во новиот Извештај за климата и развојот на земјата (CCDR) за Северна Македонија на Светска Банка.
Фото: jcomp/Freepik

Според извештајот, Северна Македонија треба да инвестира 6,4 милијарди американски долари во следната деценија за ефикасно да ги заштити луѓето и имотот од влијанијата на климатските промени.

Со историја обележана со разорни поплави и тешки временски настани како што се поројни дождови и топлотни бранови, кои предизвикаа загуби од 667 милиони американски долари во изминатите 20 години, климатските предизвици во Северна Македонија се зголемуваат, велат од Светска Банка

„Природните опасности непропорционално ги погодуваат ранливите сектори, особено земјоделството, каде малите семејни фарми се погодени од суши и град поради несоодветно наводнување, градобијна заштита и осигурување“, вели Масимилијано Паолучи, директор на Светска банка за Косово и Северна Македонија.

Заедно со инвестициите во климатската адаптација, Северна Македонија треба да ја забрза енергетската транзиција за да постигне нето нула емисии на јаглерод до 2050 година, во согласност со целите на Европската унија.

Според извештајот, транзицијата од фосилните горива може да ја зајакне енергетската безбедност преку поттикнување на пофлексибилен и модернизиран енергетски систем. Оваа промена, исто така, веројатно ќе донесе значителни подобрувања во здравјето и долгорочните економски резултати, првенствено преку подобар квалитет на воздухот и намалување на долгорочните оперативни трошоци на енергетскиот систем.

„Достигнувањето на нето нула до 2050 година е можно за Северна Македонија, но ќе бара значително зголемување на инвестициите“изјави Николас Маркиер, регионален менаџер на ИФЦ за Западен Балкан. „Мобилизирањето на приватниот капитал ќе биде од суштинско значење за да се забрза зелената транзиција и да се поттикне долгорочен одржлив раст“.

Овие инвестиции опфаќаат изградба на капацитет од 6,9 GW за производство на енергија од обновливи извори, електрифицирање на клучните сектори како транспортот – најмногу 90% од патничките автомобили ќе бидат е-возила до 2050 година – и зголемување на енергетската ефикасност за заштеда на 36% од топлинската енергија годишно.

Фискалната политика е клучна за да се забрза транзицијата кон позелена економија. Прегледот за јавните финансии за климата на Северна Македонија, нагласува дека даночните политики би можеле да ги поттикнат обновливите извори на енергија, зелениот транспорт и одржливите технологии со отстранување на субвенциите за електрична енергија на јаглен, истовремено заштитувајќи ги ранливите домаќинства од зголемените трошоци за енергија. Означувањето на буџетот за климата и процесите на зелени набавки може да помогнат во следењето на зелените финансии и да ги поттикнат зелените набавки.

Прегледот за јавните финансии за климата, исто така, ја нагласува итноста од воведување на тн. данок на јаглеродот за да се намалат емисиите на стакленички гасови и да се генерираат значителни државни приходи, потенцијално до 730 милиони евра годишно кои би можеле да се користат за потребните инвестиции за ублажување и адаптација и праведна транзиција.

„Приходите од наплаќање на јаглеродот би можеле да ги поддржат домаќинствата и бизнисите за време на зелената транзиција и ќе обезбедат други придобивки, како што се подобрување на квалитетот на воздухот и здравјето во Северна Македонија“, рече Сања Маџаревиќ-Сујстер, виш економист во Светска банка и главен автор на извештајот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни