Франсоаз Бетенкур Мејерс, наследничката на козметичкото царство „Лореал“ и најбогата жена во Европа, ќе се повлече од местото во одборот на компанијата и ќе ја пренесе функцијата потпретседател на својот син Жан-Виктор Мејерс.
Бетенкур Мејерс ќе го замени Александер Бен, заменик генералниот директор на Téthys Investa, семејната холидинг компанија и најголемиот акционер на Лореал (Téthys е водена од Бетенкур Мејерс).
Компанијата ги објави овие промени вчера, за време на извештајот за приходите за четвртиот квартал (продажбата беше нешто пониска од очекуваното). Соопштија дека промените ќе стапат на сила по гласањето на акционерите во април.
Семјството Бетенкур Мејерс поседува околу 35% од уделите во Лореал.
Бетенкур Мејерс (71) е член на одборот на директори на Лореал од 1997 година, а потпретседател е од 2020. Таа има два сина, Жан-Виктора и Николаса Мејерс, кои исто така се членови на одборот. Бетенкур Мејерс е авторка на две книги – петтомно истражување на Библијата под наслов „Поглед на Библијата“ и генеалогиски преглед на грчките богови.
Таа е претседателка на семејната филантропска фондација која ги поддржува научните и уметничките напори во Франција. Бетенкур Мејерс е внука на основачот на компанијата Лореал. Стана наследничка во 2017 година, кога нејзината мајка, Лилијан Бетенкур, најбогатата жена во светот во тоа време, почина на 94 години.
Наследувањето на Бетенкур Мејерс беше предмет на сензационално судење во Франција, во текот на кое осум лица беа прогласени за виновни за искористување на нејзината мајка. Меѓу нив беше и фотографот Франсоа-Мари Банје, кој доби подароци вредни стотици милиони долари. Меѓу нив беа и уметнички дела на Пикасо и Матис. Лилијан Бетенкур во еден момент го именува Банјеа за наследник, но подоцна се откри дека била експлоатирана додека боледувала од деменција и Алцхајмерова болест. Затоа, таа одлука беше поништена.
Лореал и семејството Бетенкур Мејерс заедно донираа 226 милиони долари за обнова на катедралата Нотр Дам по пожарот во април 2019 година. Катедралата беше повторно отворена во декември.
Бетенкур Мејерс е 20. најбогатата личност во светот, со проценето богатство од 76,1 милијарда долари. Таа е втора најбогата жена во светот, веднаш зад Елис Волтон, чие семејство ја основало Волмарт. Волтон е на 15. место со богатство од 110,9 милијарди долари.