Во духот на спортот, традицијата и ентузијазмот, Еurope House Struga на својата Инстаграм страница информира дека во соработка со Edrilicarski Klub Snegar Struga, организира воведна сесија во едрење.
‘Едрењето во нашата земја има длабоки корени кои водат уште од 1948 година, а токму во Струга започнува неговото организирано ширење. Во 1972 година тука е основан Едриличарскиот сојуз, а клубот „Снегар“ е формално регистриран во 1974 година, како наследник на едриличарската секција при Друштвото за водени спортови „Црн Дрим“.

Преку децении посветена работа, клубот изгради генерации врвни едриличари, создаде сопствена класа јахти наречена „Сирма“ и постигна забележителни успеси на регионални и европски натпревари.

Иако Македонија е земја без пристап до море, едрењето на Охридското Езеро – со своите поволни услови и мотивирана заедница – претставува уникатна можност за спортски и туристички развој. Струга и Охрид со право се препознаваат како центри со потенцијал за рекреација, вклучување на млади, но и за градење на меѓународна спортска афирмација.