Иако изворот Рашче и сите расположливи бунари се ставени во целосна функција, голем број скопјани остануваат без вода со денови. Од ЈП „Водовод и канализација“ предупредуваат – системот работи на граница на издржливост и постои реална опасност од целосен колапс.
Дефинитивно Скопје се соочува со огромен проблем и покрај сите апели што ги упатуваме до граѓаните дека пивката вода не треба да се користи за полевање, очигледно не допира до никого. Тој што има вода, си ја користи преку водомер, а ние законско решение да го казниме немаме, можеме да направиме претставка што оди до комунален инспектор или до Град Скопје или до комуналните инспектори каде што ќе ги најдеме луѓето што нерационално ја користат водата и, еве, се соочуваме со проблем да имаме таква ситуација во која поголемиот дел од градот во овие жешки времиња имаат недостиг на вода – рече Зоран Стојанов, оперативен директор во јавното претпријатие.
Додека институциите се обидуваат да одржат минимално снабдување, делови од Карпош, Ѓорче Петров, Кисела Вода и Центар се жалат на постојан прекин во водоснабдувањето. Апелите за рационална потрошувачка досега не дадоа резултат, а надлежните институции немаат законски механизми за санкционирање.
Состојбата дополнително ја усложнуваат високите загуби на вода – според податоците, околу 50% од вкупно произведената вода не стигнува до потрошувачите. Причините се стари инсталации, технички дефекти и нелегална потрошувачка. Исто така, голем број индустриски капацитети користат пивка вода во процеси каде што би можела да се користи техничка, што го оптоварува системот.
Советничката Драгана Велковска од „Зелен хуман град“ побара конкретен план за намалување на загубите и предложи законски измени кои ќе овозможат рационализација на потрошувачката и употреба на техничка вода во индустријата.
Нерационалната потрошувачка постои отсекогаш, не е само годинава, како е тоа годинава проблем. Податоците велат дека техничките загуби на вода се 33 проценти, а вкупните загуби околу 50 проценти од вкупно произведената вода. РЖ Услуги АД Скопје користи околу 30 отсто од пивката вода во Скопје како техничка, а за тоа плаќа како домаќинство. Повеќе од 240 стопански и индустриски објекти користат вода од градската водоводна мрежа. Земајќи ги предвид овие податоци, како и вашите информации дека не постои закон да се наметне рационална потрошувачка и не постои начин на правни лица да им се наметне да користат техничка вода наместо пивка, прашувам дали некогаш од „Водовод“ имало барање да поттикне да се донесат законски измени со кои ова ќе се овозможи? – праша Велковска од говорницата.
Во моментот, од изворот Рашче се испорачуваат 3.000 литри вода во секунда, додека пет активни бунари обезбедуваат дополнителни 1.000 литри. Но, потребите на градот го надминуваат и овој максимум – потрошувачката достигнува 4.000 литри во секунда.
Во меѓувреме, на терен се активирани цистерни кои носат вода во најпогодените делови од градот, но количините се ограничени, а побарувачката расте од ден на ден.
Јавното претпријатие посочува дека нема надлежност ниту финансиски капацитет самостојно да инвестира во нови водоводни системи – тоа е обврска на општините и државата. Додека се градат нови населби и станбени блокови, водната инфраструктура останува иста, што ја влошува ситуацијата.
Водоснабдувањето на Скопје виси на конец. Без итна интервенција, координирана акција и законски решенија, ова лето може да се претвори во почеток на долгорочна водна криза со несогледливи последици.
Извор: Слободен печат