Водачот на државниот удар во Мадагаскар, пуковник Мајкл Рандрианирина, денеска положи заклетва како нов претседател, неколку дена по преземањето контрола над африканската островска држава по протести предводени од млади кои го симнаа неговиот претходник.
Претседателот Андри Рајеолина, кој беше опозван од пратениците поради тоа што за време на викендот побегна во странство, од егзилот одби да се повлече, и покрај многуте дезертерства од безбедносните сили и одлуката на уставниот суд да го ратификува военото преземање на власта.
Африканската унија и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, го осудија ударот кој се случи неколку недели по протестите на „генерацијата З“ поттикнати од хроничните прекини на електрична енергија и вода.
„Се колнам дека ќе го зајакнам единството и човековите права“
„Целосно и праведно ќе ги исполнувам обврските на мојата функција претседател на Република Мадагаскар“, рече Рандрианирина на церемонијата во уставниот суд.
„Се колнам дека ќе ги користам полномоштвата што ми се доверени и ќе ја посветам целата своја сила на одбраната и зајакнувањето на националното единство и човековите права.“
Иако многу млади го славеа падот на владата на Рајеолина, која исто така дојде на власт со државен удар во 2009 година, дел од нив се незадоволни од брзината со која армијата се појави да ја искористи политичката празнина.
План за транзициска власт
Рандрианирина порано изјави дека армијата ја презела власта и ги распушти сите институции освен долниот дом на парламентот.
Најави дека земјата следната година ќе ја управува комитет предводен од армијата, заедно со транзициска влада, по што ќе се организираат нови избори.
Рандрианирина бил командант на елитната единица CAPSAT која имала улога и во ударот во 2009 година, но се разделил со својот претходник минатата недела кога повика војниците да не пукаат врз демонстрантите.
Мадагаскар има 30 милиони жители, а просечната возраст е помала од 20 години.
Три четвртини од населението живеат во сиромаштија, а просечната плата изнесува 600 долари месечно, во време на екстремна инфлација.