Според извештите на Институтот за јавно здравје за аерозагадувањето и ризиците по здравјето

Во земјава годишно умираат 3.828 лица од болести поврзани со изложеност на РМ2.5 честички

Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека загадувањето на воздухот убива околу седум милиони луѓе ширум светот секоја година. Девет од десет луѓе дишат воздух под стандардите на СЗО што содржи високо ниво на загадувачи. Земјите со низок и среден приход страдаат од најголема изложеност на загаден воздух. Извештите на Институтот за јавно здравје покажуваат дека годишно, во земјава се губат 3 828 смртни случаи кои можат да се припишат на изложеноста на тековните концентрации на РМ2.5 честички. Тоа изнесува 17.7 % од вкупната смртност во државата.

Загадувањето на воздухот се смета за најголема еколошка закана по здравјето на луѓето во светот, со 7 милиони смртни случаи ширум светот секоја година. Загадувањето предизвикува и влошува голем број на болести, почнувајќи од астма до рак, белодробни заболувања и срцеви заболувања. Загадувањето на амбиентниот воздух и честичките, една од главните компоненти на загадениот воздух, се класифицирани како канцерогени за луѓето од страна на Меѓународната агенција за истражување на ракот. Во европскиот регион, речиси секој поединец е погоден од загадениот воздух, при што над 90% од граѓаните се изложени на годишни нивоа на ситни, лебдечки честички во амбиентниот воздух кои се над граничните вредности од Упатството на СЗО за квалитетот на воздухот. Луѓето во Македонија и воопшто луѓето од Балканот и Источна Европа, дишат потоксичен воздух загаден со суспендирани честички во однос на нивните соседи во Западна Европа. Всушност, балканскиот регион е дом на многу единици со јаглен и лигнит како и на 7 од 10-те најзагадувачки електрани со јаглен во Европа.

Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека загадувањето на воздухот убива околу седум милиони луѓе ширум светот секоја година. Девет од десет луѓе дишат воздух што ги надминува упатствата на СЗО што содржат високо ниво на загадувачи, а земјите со низок и среден приход страдаат од најголема изложеност на овие честитички.

СЗО тврди дека 56 % од градовите во земјите со високи  примања не ги исполнуваат упатствата за квалитет на воздухот. Во 2019 година, загадувањето на воздухот продолжи да предизвикува значителен товар поради прерана смрт и болести во 27 земји-членки на ЕУ: 307.000 предвремени смртни случаи се припишуваат на хронична изложеност на фините, суспендирани PM2.5 честички.

Мониторинг мрежата за квалитет на воздухот во земјава ја сочинуваат вкупно 22 мониторинг станици (од кои една мобилна и една рурална позадинска станица во Лазарополе), лоцирани во 14 градови во државата, распределени во 2 зони (Источна и Западна зона) и една Агломерација – Скопје (состојба 2023). Мрежата е управувана од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Македонски информативен центар за животна средина (МЕИЦ).

Во еден од последните извештаи на ИЈЗ, анализиран е период од 2018 до 2020 година, (сите мерни станици ги мереа концентрациите на PM2.5 но, веќе во 2021 година сите мерни станици ги мерат концентрациите на PM2.5, PM10, NO2, SO2, CO и O3), идентификувани се бројни извори на загадување на амбиентниот воздух како што се: неефикасното согорување во ложиштата во домаќинствата, дотраените системи за централно греење, производство на електрична енергија во старите термоелектрани кои користат лигнит, сообраќајот и застарениот возен парк, несоодветното управување со отпадот и др.

Иако генерално, аерозагадувањето во земјата опаѓа во текот на периодот 2006- 2016 што се согледува во опаѓачкиот тренд особено на SO2 дури и на РМ честички (суспендирани честички) во амбиентниот воздух, а што главно се должи на намалена употреба на фосилни горива за производство на електрична енергија и гасификацијата на топланите, сепак, целото население во земјата е и натаму изложено на концентрации на РМ10 честички кои ги надминуваат годишните гранични вредности на ЕУ7 и особено оние на Светската здравствена организација.

Како резултат на наодите базирани на бројните епидемиолошки студии и тековните научни сознанија, очекувано е дека состојбите со квалитетот на воздухот во земјава во последните неколку години ќе доведат до појава на штетни ефекти по здравјето на популацијата како и до економски загуби заради директни трошоци поврзани со зголемената побарувачка на здравствени услуги и употреба на лекови.

Влијанијата по здравјето на суспендираните честички варираат од иритација на мукозните мембрани до инфекции на дишните патишта, зголемен ризик од промени на крвните садови (вазоконстрикција, ендотелијална дисфункција, зголемен ризик од тромбоза), оксидативен стрес и системско воспаление како и промени во регулаторната функција на автономниот нервен систем. Појавата и влошувањето на астмата, хроничната белодробна болест и рак на белите дробови, инфаркт на миокардот, срцева слабост и појава на мозочни удари и зголемена смртност од истите заболувања и воопшто зголемена општа смртност, се најчестите исходи по здравјето како резултат на долготрајна изложеност на загаден воздух со РМ честички. Исто така постои растечко тело на докази кое ја поврзува изложеноста на суспендирани РМ честички и појавата на дијабет тип 2, оштетување на невролошкиот развој кај децата, и невролошка дисфункција кај возрасните.

Според новото меѓународно истражување на УНИЦЕФ во Европа и Централна Азија, еден од девет смртни случај на деца до една година во 2021 година во земјава е поврзан со загадениот воздух.

Во извештајот наречен „Почетоци без здив: политики за заштита на децата од загадениот воздух во Европа и Централна Азија“, се забележува дека во поголемите градови низ Европа и Централна Азија, загадувањето на воздухот редовно ги надминува безбедните нивоа според Светската здравствена организација и станува главен еколошки ризик по здравјето на децата од регионот.

Во Македонија, ризиците од загадениот воздух се особено високи. Имено, во февруари 2024 година, Скопје повторно се најде меѓу првите 10 најзагадени градови во светот, а просечните нивоа на ПМ10 или ПМ2,5 честички ги надминуваат дозволените граници повеќе од 100 дена во годината.

Според извештајот, бебињата и малите деца се најизложени на ризик од смрт и лошо здравје како последица на аерозагадувањето.

„Раната и честа изложеност на загаден воздух – почнувајќи уште од матката – води кон смалување и реструктурирање на белите дробови и го зголемува ризикот од пневмонија, инфекции на горниот респираторен тракт, инфекции на увото, астма и алергии. Дишењето загаден воздух може да предизвика воспаление на мозокот, да го попречи растот и да влијае врз когнитивниот развој, како и на училишниот успех“, стои во соопштението на УНИЦЕФ.

Но, пошироко, освен што аерозагадувањето претставува сериозна причина за смрт кај новороденчињата, тоа одзема повеќе здрави години од животот за кого било во споредба со кој било друг поединечен еколошки фактор, како што се високите температури, нечистата вода и лошите санитарни услови. УНИЦЕФ апелира до владите и институциите во земјите од регионот – вклучувајќи ја и Македонија – да посветат повеќе внимание и ресурси на борбата со аерозагадувањето, да ги поддржат енергетската ефикасност, пристапот до чиста енергија и подобрувањето на квалитетот на воздухот, и да ги заштитат бремените жени и децата од загаден воздух.

Извештите пак на Институтот за јавно здравје покажуваат дека годишно, во земјава има 3.828 смртни случаи кои можат да се припишат на изложеноста на тековните концентрации на РМ2.5 честички. Тоа изнесува 17.7 % од вкупната смртност во државата, а изразено како стапка, на тековните нивоа на аерозагадување се припишуваат 319.4 смртни случаи на 100.000 население.

Во однос на проценетата стапка на смртни случаи заради загадување на воздухот со РМ2.5, заради надминувањето на граничната (стара) вредност на СЗО од 10 µg/m3, Македонија губи 227.1 животи на 100.000 население под ризик, Косово 79.6; Босна и Херцеговина 197 и 249 животи. Европската агенција за животна средина (ЕЕА) проценила 120-180 смртни случаи/100 000 за земјите со највисока стапка од Централна и Источна Европа (Бугарија, Унгарија, Романија и Хрватска). Според истиот извор, земји со најниска стапка се Нордиските земји со 20-30 смртни случаи/100 000.19

Проценетата смртност во земјава според последниот извештај на ЕЕА19 во 2019, која може да се припише на загадувањето на воздухот со РМ честички, изнесувала 3.400 предвремени смртни случаи при изложеност од 20.6 µg/m3 (годишна средна вредност пондерирана според население).

За периодот 2012- 2016 само во Скопскиот Регион биле проценети 1.205 случаи на предвремена смрт (819-1 538 95% СI), додека во Тетово 265 (187-327 95% СI). Во однос на специфичната атрибутивната смртност, проценките се дека 195 смртни случаи заради исхемична срцева болест (ИСБ) се припишуваат на тековното ниво на аерозагадување, што претставува 18.1 % од вкупната смртност.

На надминувањето на граничните вредности од ЕУ Директивата за квалитет на амбиентен воздух се припишува 5.0 % од вкупната смртност (7.9% ако се пресмета според индикативната гранична вредност), додека на надминувањата на новата гранична вредност на Упатството на СЗО се припишуваат 15.8 % од вкупната смртност.

Оптоварувањето со болестите, како што и е очекувано, значително се зголемува меѓу возрасната група на население 65 и повеќе години во однос на смртноста од исхемичната срцева болест и мозочен удар, но и во однос на смртноста (природна) од сите причини. Најпогодени се возрасните групи од 75 до 79 години и оние над 80 заради мозочен удар. Надминувањето на пресечната вредност од 2.4 µg/m3 РМ2.5, доведува до 164 предвремени смртни случаи заради рак на бели дробови што изнесува 17.2 % од вкупната смртност заради овој малигном.

Проценетите економски загуби и трошоци, според Светска Банка (СБ) изнесуваат 5.2 % до 8.5 % од бруто националниот производ во 2016 година.

Заклучокот е дека постигнувањето на граничните вредности од стандардите на ЕУ и Упатството на СЗО за ситни честички (PM2.5) во амбиентниот воздух, во ЕУ-27 во 2019 година би донел значајни потенцијални придобивки во сите семји вклучително и Македонија. Подобрувањето на пристапот до податоци (еколошки и податоци од виталната статистика), особено во однос на податоците за смртноста во земјава, временски соодветно и во адекватен формат потребен за ваквите проценки, е важна препорака не само до Државниот завод за статистика туку и до институциите на системот кои агрегираат податоци, приоритет на кој што треба да се стави посебен акцент.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни