Секое парче облека, обувки и постелнина во „Копче“ добива втор живот. Во социјалното претпријатие „Копче“ при Црвен крст на Град Скопје се што се донира внимателно е селектирано, испрано и испеглано пред да заврши кај крајниот корисник. Најголемиот дел од донациите се за корисниците на социјална помош, но и за граѓани кои по симболични цени купуваат уникатно парче облека или обувки. Собраните пари повторно се пренаменуваат за нови хумани предизвици.
Христина Алексовска, одговорен соработник, и Зорица Илиева, продажен асистент, секојдневно се грижат за редот во „Копче“. Неуморно ги диплат новите донации, а и ги услужуваат хуманите граѓани кои несебично помагаат за едно поубаво утро на оние кои имаат најголема потреба од помош во ова општество. Иако се уште владеат стереотипите за облека од втора рака, Алексовска потенцира на фактот што од година во година работите се менуваат на подобро.
„Како социјално претпријате функционираме од 2018 година. Нашата основна цел е да им обезбедиме полесен пристап до облека на лицата со ниски примања како и на оние кои сакаат да купат уникатно парче облека. Оваа продавница е за секој кој сака да донира, купува и подарува облека и останато, а со тоа се вклучува во хумана мисија“, вели Алексовска.
На годишно ниво се собираат повеќе од 120 тони облека, но за жал истата не е употреблива во целост, велат од „Копче“. Од социјалното претпријатие посочуваат дека убаво би било облеката да е чиста и испеглана, но најважно е таа да е употреблива.
„Секогаш апелираме до граѓаните тоа што го донираат да биде функционално и некому корисно. Поедноставно кажано може да се донира се она што вам не ви треба, а друг може да го употреби. Покрај облека добредојдени се и донации од обувки, постелнини, книги, играчи и се останато. Откако ќе ги добиеме донациите тие се селектираат, се чистат и се распределуваат до крајните корисници“, додава Алексовска.
Дека расте интересот за донации, а со тоа се буди и хуманиот момент кај луѓето во општеството, говорат и бројките. Ако пред скоро половина деценија кога е формирано „Копче“ на годишно ниво се донирани околу 20 тони облека, сега бројките се трицифрени. Позитивно е и тоа што се рушат бариерите да се побара облека од Црвен крст или пак да се купи по значително пониски цени.
„Лицата кои се во социјален ризик се обраќаат до општинските организации на Црвен крст каде го остваруваат правото на ваучер и со него добиваат бесплатна облека. Голем дел од донациите се наменети и за пунктот за бездомници како и за институциите со кои имаме соработка“, вели Алексовска.
За жал, ваквиот систем на донирање и добивање облека од „Копче“ функционира само на територијата на главниот град. Но, Алексовска и Илиева посочуваат дека секој кој сака да донира, а не е од Скопје, тоа може да го направи со тоа што донацијата уредно ќе ја спакува и ќе ја испрати до нив, по што тие ќе го преземат пакетот.
И додека многумина се уште живеат со стигмата дека облека од втора рака е само за лица од социјален ризик од „Копче“ ќе речат:
„Облеката има моќ да прави позитивни промени во заедницата“.