Проценките за преживување на ракот во Европа истакнуваат забележителни географски и економски разлики. Неколку фактори предизвикуваат јаз меѓу земјите.
Еuronews Health го испитувало преживувањето од рак низ Европа, истражувајќи ги факторите кои придонесуваат за разликите меѓу земјите.
Податоците вклучуваат вкупно 29 земји, од кои 24 земји се членки на ЕУ (освен Грција, Унгарија и Луксембург) и уште пет европски земји: Обединетото Кралство, Швајцарија, Норвешка, Исланд и Турција.
Проценките за преживување од рак значително варираат во зависност од видот на ракот и државата. Преживувањето се однесува на процентот на поединци дијагностицирани со рак кои остануваат живи по одреден период. Најчесто се изразува како 1-годишно и 5-годишно преживување.
Терминот „стапки на преживување“ е широко користен, но професорот Мишел Колман, еден од директорите во Централниот аналитички тим CONCORD и професор на Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, појаснува дека проценките за преживување од рак се веројатности, а не стапки.
Но, пред да ги презентира проценките за преживување од рак, Euronews Health истакнува дека важно е да се разгледа смртноста поврзана со рак низ ЕУ и на кои типови на рак им се припишуваат овие смртни случаи.
Според податоците на Организација за економска соработка и развој (Organisation for Economic Co-operation and Development – ОЕЦД) и Евростат од 2019 година, ракот на белите дробови учествува со 24 отсто од смртните случаи поврзани со рак кај мажите и 15 отсто кај жените. Карциномот на дебелото црево придонел со 12% кај двата пола. Ракот на простата претставувал 10 отсто од смртните случаи кај мажите, додека ракот на дојка сочинувал 16% кај жените. Ракот на панкреасот бил причина за 6 отсто од смртните случаи поврзани со рак кај мажите и 8 отсто кај жените.
Преживувањето од рак на белите дробови значително варира низ Европа, со Бугарија на дното (7,7%) и Швајцарија и Летонија на врвот (20,4%), додека просекот во 24-те земји членки на ЕУ, е 15%. Други земји со забележителни бројки за преживување се Исланд (20,2%), Австрија (19,7%), Шведска (19,5%) и Норвешка (19%). Меѓу петте најголеми европски економии, Германија води со бројка за преживување од 18,3%, по што следат Франција (17,3%) и Италија (15,9%). Под просекот на ЕУ паѓаат и Шпанија (13,5%) и ОК (13,3%).
Преживувањето од рак на дебелото црево се движи од 51,1 отсто во Хрватска до 72,1 отсто во Кипар, со просекот на ЕУ-24 на 60%. Преживувањето достигна 65 проценти или повеќе, во шест дополнителни земји, вклучително и четири нордиски нации: Исланд (68,2%), Белгија (67,9%), Швајцарија (67,3%), Норвешка (66,7%) и Шведска и Финска на 64,9 отсто. На долниот дел од листата, Словачка (51,8%), Романија (52,2%), Бугарија (52,4%) и Полска (52,9%) ја следеа Хрватска на дното на рангирањето. Меѓу петте најголеми европски економии, Германија имала најголем опстанок со 64,8%, додека Обединетото Кралство имало најниско, со 60 отсто.
Преживувањето од рак на простата е поголемо во споредба со многу други видови на рак. Просекот на ЕУ-24 изнесува 87%, а дванаесет земји постигнале нивоа на преживување над 90 отсто. Кипар објави најголемо преживување со 99,2%, а потоа следат Литванија (94,3 отсто) и Белгија (93,8 отсто). Најниско преживување е забележано во Бугарија со 68,3%.
Преживувањето од рак на дојка е исто така релативно високо, при што просекот на ЕУ-24 е 82%. Кипар е на врвот на рангирањето со опстанок од 92,8 отсто. Меѓу петте најголеми европски економии, разликата во опстанокот е минимална и се движи од 85,2%о во Шпанија до 86,7% во Франција. Литванија и Романија забележаа најмало преживување, и двете паднаа под 75%.
Преживувањето од ракот на панкреасот и црниот дроб во ЕУ останува многу ниско во споредба со многу други видови на рак. За ракот на панкреасот, преживувањето се движеше од 5,5 проценти во Малта до 13,7 проценти во Латвија, со просекот на ЕУ-24 на приближно 9 проценти. Велика Британија имаше шесто најниско преживување со 6,8 отсто. Преживувањето од рак на црниот дроб варира од 4,2 отсто во Естонија до 20,7 отсто во Белгија, со приближен просек во ЕУ-24 од 12 отсто.
Преживувањето од рак на желудник е подобро отколку од канцерот на панкреасот и црниот дроб, но останува релативно ниско – од 16% во Бугарија до 37,5% во Белгија. Кипар, Австрија и Германија, исто така, пријавија проценки за преживување кои надминуваат еден од три. Спротивно на тоа, преживувањето беше 20 проценти или помалку во Данска и Хрватска. ОК се рангираше на петтото најниско место, со проценка за преживување од 20,7 отсто.
Процената на преживување од рак на јајниците во ЕУ-24 беше во просек 39,2 отсто. Шведска забележа најголемо преживување од 46,5%, а веднаш зад нив се Кипар, Латвија и Норвешка, каде што проценките надминаа 45%. Од друга страна, Малта и Ирска објавија најниски стапки на преживување, со бројки под една третина. Меѓу првите пет економии, Велика Британија имаше најниска проценка од 36,2%.
Јазот во преживувањето не се должи само на разликите помеѓу болестите. Други фактори вклучуваат варијации во достапноста и унапредувањето на третманите, како и фазата во која се дијагностицира ракот.
,,Ако ракот е откриен рано и е локализиран, логично е дека преживувањето ќе биде подобро со даден третман отколку ако канцерот е многу напреден и широко распростране кога ќе се дијагностицира“, вели Мишел Колман професор на Лондонската школа за хигиена и тропска медицина. За разликите во проценките за преживување меѓу земјите, Колман нуди две клучни објаснувања.
Прво, тие се однесуваат на разликите во возраста на дијагноза, кои имаат огромни влијанија врз веројатноста за преживување. Фазата во голема мера варира помеѓу земјите за секој даден карцином.
Второ, достапноста и пристапот до различни третмани кои се повеќе или помалку ефективни, исто така, варира помеѓу земјите.
,,На пример, радиотерапијата која се користи или е значајна како потенцијално куративен третман за речиси половина од сите видови на рак е многу пошироко достапна во побогатите земји од Западна и Северна Европа отколку што е случај во помалку напредните земји во Источна и во некои случаи, Јужна Европа“, вели тој.
Во врска со тоа зошто стапките на преживување се помали во Обединетото Кралство во споредба со Германија и Франција, д-р Волкер Арндт од германскиот центар за истражување на ракот (DKFZ) за Euronews Health, рекол: „оваа разлика веројатно се однесува на разликите во здравствениот капацитет и како е организиран здравствениот систем, вклучително и време на чекање“.
Истражувачите ја истакнуваат и важноста на регистрацијата на ракот во Европа, предупредувајќи дека многу регистри, особено во Источна Европа, во моментов се загрозени.