Во Грција ќе се одржи Првиот Конгрес на интелектуалци и ќе биде промовирана нова балканска антологија

Томислав Османли и Никола Маџиров ја претставуват  македонската литература во грчката антологија „Балкан“

Настанот ќе се одржи од 26 до 28 септември во Алиартос, со учесници и дела од 12 балкански држави

Од 26 до 28 септември, во Грција ќе се одржи значаен културен и книжевно-теоретски настан – Првиот Конгрес на интелектуалци насловен „Меѓу-балкански литературни среќањава“ со поднаслов „Разбирајќи го Балканот низ литературата“.

Во пресрет на конгресот беше објавена антологијата „Балкан – современа книжевна антологија“ (издание на „Маѝстрос“, Атина, септември 2025). Составувачи на изданието со обем од 456 страници се Еви Вулгараки-Писина, Ангелос Калогеропулос и Димитрис Склирис.

Антологија со преводи од сите балкански јазици

Станува збор за јазично комплетна книжевна антологија што опфаќа преводи на грчки од сите балкански јазици. Вклучени се дела на 57 автори и 12 преведувачи од: Грција, Србија, Романија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Бугарија, Турција, Кипар, Словенија, Црна Гора, Албанија и Хрватска.

Во официјалната најава, по азбучен ред и според националните писма, наведени се и главните градови на сите дванаесет држави.

Македонските автори во изданието

Во новата антологија се вклучени и преводи од македонски јазик на творби од двајца истакнати автори: прозаистот Томислав Османли и поетот Никола Маџиров. Преводите на грчки јазик ги направи Мариа Думба.

Ова не е прв ваков проект во соседна Грција. Претходно беше објавена „Антологија на балканското расказно творештво“, составена од д-р Ставрос Дајос, во која покрај Османли беа застапени уште седум македонски прозни автори. Изданието, со 428 страници, го објави солунското книгоиздателство „Литератус“ и содржеше 71 расказ од балкански писатели од последните два века.

Поддршка од грчкото Министерство за култура

Тридневната научно-теоретска средба „Меѓу-балкански литературни среќањава – Разбирајќи го Балканот низ литературата“ ќе се одржи во Конгресниот центар Елкиона во Алиартос, Тесалиска Биотија. Организатор е асоцијацијата „Меморија и авангарда – отворање нови патишта“, а проектот, заедно со изданието на антологијата, е поддржан од Грчкото министерство за култура.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни