Во Гевгелија ќе се одржи второто издание на АРТ УМ фестивалот

Во рамки на програмата „Гевгелија – Град на културата 2025“, на 19 и 20 септември годинава ќе се одржи второто издание на АРТ УМ фестивалот, кој има за цел да ја афирмира современата музичка и визуелна уметност, како и да придонесе кон збогатување на културната понуда на градот и регионот.


Програмата е распоредена во два дена. На 19 септември, во Домот на култура во Гевгелија, ќе се реализира едукативен дел со работилници за музичка продукција и креативни индустрии. Специјализирана работилница ќе одржи британскиот продуцент и диџеј Vince Watson, кој првпат ќе настапи во Гевгелија. Своја презентација на тема модули и контролери ќе има и гевгелискиот иноватор Ристо Раданлиев – Risto Inovates.

Истата вечер, во рамки на фестивалот, ќе се отвори и изложба на фотографии од гевгелискиот уметник и фотограф Иван Калчев, која ќе понуди уникатен визуелен увид во неговото творештво.

Во вечерните часови е предвидена и афтер-забава во кафе бар „У“, на која ќе настапат Томи Бојаџи и Самоил Радински.

На 20 септември, фестивалската програма во рекреативниот парк „Динќут“ ќе започне со диџеј сетови на локалните диџеи од АРТ УМ, по што ќе настапат веќе познатите и етаблирани домашни диџеи Herzel и Виктор Апостолски. Централниот настап вечерта е резервиран за британскиот продуцент и диџеј Vince Watson.

Watson е дел од електронската сцена речиси 25 години, со обемна дискографија која вклучува повеќе од 250 изданија, 12 албуми и 75 ремикси. Работел со реномирани издавачки куќи и настапувал на светски сцени и фестивали, меѓу кои Berghain, Tresor, Space Ibiza и Womb Tokyo.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни