Обединетото Кралство достигна пресвртница во транзицијата на чиста енергија, отворајќи ги домови кои наместо струја или друг реагенс за греење, користат водород. Засега се отворени три такви домови во источниот дел на Фајф, Шкотска. Домовите покажуваат како водородот може да се користи и за греење и за готвење. Проектот е наречен H100 five, а планот е во следните месеци да се отворат дури 300 домови.
Греењето е еден од најголемите извори на емисии на стакленички гасови, со 22 отсто од вкупните емисии на Обединетото Кралство. Водородот се смета за клучна технологија за декарбонизација на овој сектор.
Префрлувањето на снабдување со водород бара нови домашни апарати, вклучувајќи шпорети и котли. За граѓаните, домот со водород има мала разлика. Апаратите работат на ист начин, при што најголемиот дел од промените се случуваат на страната на добавувачот. Како таков, се смета за еден од најмалку инвазивните начини за декарбонизација на греењето на домот.
Стратегијата на ЕУ за водород и планот REPowerEU ја одредуваат позицијата на блокот за водородните технологии. Поточно, до 2030 година Европа сака да увезува 10 милиони тони и да произведува 10 милиони тони обновлив водород. До 2050 година, тој треба да покрие 10 отсто од енергетските потреби на ЕУ.
Првата куќа на водород во Европа беше завршена во 2022 година во Јужна Италија. Студентската зграда во Беневенто користи водород не само за греење, туку и за производство на електрична енергија којашто ѝ е потребна на зградата.
Во Холандија, во тек се неколку пилот проекти, вклучувајќи поврзување на 12 домови во Лохем со водород за греење во 2022 година. Во 2023 година, 33 домови во Вагенборген беа префрлени на греење со водород. И во северниот холандски град Хугевен, 80 до 100 новоизградени домови ќе бидат поврзани со водородната мрежа. Во Хелсинки, во тек е изградбата на хидрогенскиот центар 3H2 Хелсинки кој ќе произведува околу три мегавати зелен водород годишно. Тој потоа ќе се користи како гориво за камиони, додека вишокот топлина од производството на водород ќе се користи за загревање на локалните домови.
Сепак, не целиот водород е добар водород. Создавањето на водород користи електролиза за одвојување на водородот од кислородот во водата. Ако електричната енергија што се користи во овој процес е необновлива, тогаш нема придобивка од употребата на водородното гориво.
Во моментов, водородот претставува околу два отсто од енергетскиот микс на ЕУ, а речиси целиот се произведува од фосилни горива. Европскиот парламент проценува дека околу 70 до 100 милиони тони CO2 годишно се генерираат во производството на сегашните резерви на водород.
Со цел водородот да биде одржлив, електролизата мора да се изврши со користење на обновлива енергија. Познат како зелен водород, ова е единствената навистина одржлива форма на водород, но сочинува помалку од еден процент од вкупното производство на водород денес.
Според Меѓународната агенција за енергија, количината на обновлива енергија којашто е потребна за да се направи целиот водород зелен, би била околу 3.000 терават часови (TWh). Тоа е приближно еднакво на побарувачката на електрична енергија за цела Европа. За H100 Fife, водородот се произведува со користење на обновлива електрична енергија од локално морско место каде има ветер.
,,Користењето на водород за загревање може да звучи привлечно на прв поглед“, вели Јан Розеноу, коавтор на студијата. „Сепак, сите независни истражувања на оваа тема доаѓаат до истиот заклучок: греењето со водород е многу помалку ефикасно и поскапо од алтернативите како што се топлинските пумпи, централното греење и соларната топлинска енергија“.
Неодамна, извештајот на Институтот за енергетска економија и финансиска анализа (IEEFA) објавен во јануари, покажа дека согорувањето на водородот претставува здравствен и безбедносен ризик за жителите и е неефикасен начин за намалување на емисиите на јаглерод диоксид.
„Не само што согорувањето на водородот во домовите претставува ризик по здравјето и безбедноста, туку и ќе ја одложи електрификацијата, што ќе резултира со продолжено согорување на гас во домовите“, рече Сузане Матеи, аналитичар за енергетска политика на ИЕЕФА и коавтор на извештајот.
„Плановите за користење на водород во станбени згради, исто така, ги игнорираат предизвиците со кои се соочува употребата на водород поради конкуренцијата на пазарот и предизвиците во инфраструктурата“.