Најчеста причина за појава на пелтечењето се наведува психолошката и емоционална траума,но секако тука се испреплетени многу фактори.Оваа состојба се јавува 3 пати повеќе кај момчињата,а преваленцата е кај 1 од 5 деца.Доколку навремено не се побара стручна помош и не се започнат интензивни третмани може да дојде до влошување на состојбата и таа да остане како последица до крајот на животот.
Според меѓународната класификација на болести дефиницијата за пелтечење гласи: „Пореметување на ритамот на говорот при кој лицето точно знае што сака да каже, меѓутоа во исто време е неспособно тоа да го каже поради неможност, повторување, продолжување или прекинување на некој глас”.Пелтечењето е нарушување на говорната флуентност, кое се манифестира со прекини и неправилности на говорниот процес поради грчеви на органите за артикулација (јазик, усни), фонација (гласници) и дишење (дијафрагма и граден кош).
Кај многу од децата ова нарушување се јавува помеѓу втората и петтата година како физиолошко пелтењето,но родителите веруваат во тоа дека е само фаза и дека ќе помине само од себе без консултации со логопед кој може да им помогне и насочи како тоа да исчезне дур е во оваа фаза.Многу пати овој вид на пелтечење преминува во примарно пелтечење односно вистинско пелтечење, затоа што детето почесто повторува гласови и слогови, прави паузи во говорот, но се уште не е свесно за своето неправилно говорење.Ова е последен аларм за започнување со третман бидејќи после овој стадиум можат да се појават спазми и тикови.
Ова навидум безопасно нарушување на флуентноста може да има многу силно влијание врз личноста и перцепцијата за самиот себе.Секојдневната комуникација со другите, социјалните односи, романтичните врски,образвониот процес и вработување, емоционалната и психолошката состојба се само дел од областите во кои специфичностите на пелтечењето можат да имаат негативно влијание. Доколку лицето не се реализира во една или повеќе од горенаведените области, квалитетот на нејзиниот живот ќе биде значително намален,па затоа е потребно е да се земат во предвид сите овие аспекти и на терапевтските часови да се посвети многу време, притоа секако работејќи на подобрување на флуентноста на говорот.За да целосно се намалат пропратните ефекти од состојбата,потребен е третман кој ќе биде воден од страна на логопед,психолог,а доколку има потреба и од психијатар и невролог.
Емоциите се составен дел на секој човек и го претставуваат неговиот начин на реагирање на секојдневните ситуации и луѓе од околината со кои се среќава и стапува во контакт. Има и позитивни, но и негативни емоции кои често се наведуваат дека се присутни кај луѓе кои пелтечат. Страв, вознемиреност, срам,паника, чувство на понижување, лутина итн. се само дел од сложените емоционални реакции на самото пелтечење. Многумина веруваат дека причината за пелтечење е токму засилената чувствителна страна на тие луѓе, но сепак,се покажува дека е токму спротивниот процес, а тоа е дека луѓето стануваат поемотивни поради самото пелтечење. Некои истражувања покажуваат дека анксиозноста е изразена во поголема мера кај луѓето кои пелтечат отколку кај останатото население (Јаири и Сери, 2015). Со влегувањето во образовниот систем, прво основно, а потоа средно образование настапуваат бројни промени и предизвици кај децата, а она што е можеби најважно е токму односот со врсниците и учениците во одделението. Ако детето се чувствува прифатено и сакано од другите,тоа секако ќе придонесе за подобра емоционална стабилност, поголема самодоверба и подобра слика за себе и за своите позитивни страни.
Меѓутоа, доколку се случи спротивна ситуација и детето не се чувствува среќно и задоволно, тоа сигурно ќе има негативно влијание врз нејзиниот развој и напредок во сите области.Комуникацијата е она што е присутно во нашето секојдневие, па затоа е дел од повеќето работни задачи кои лицето ги врши. Земајќи го предвид овој факт,кога зборуваме за пелтечењето и неговото влијание врз изборот на занимање, потоа извршувањето на обврските на работа,комуникација со колеги и сл. очигледно е дека овие лица ќе наидат на одредени пречки односно тешкотии.Во едно истражување кое е спроведено од авторите Клајн и Худ (2004),од 233 луѓе кои пелтечат, дури 70% од нив веруваат дека пелтечењето значително ги намалува шансите за вработување а подоцна и за унапредување. Исто така, она што е интересно е дека половина од нив наведуваат дека барале работа која првенствено не бара комуникација со други луѓе затоа што мислат дека ќе им биде полесно. Друг важен елемент што треба да се спомене во контекст на тешкотиите во работната средина е дискриминација на луѓето кои пелтечат, што е многу честа појава кај бројни потешкотии.
Пелтечењето кое трае со години и кое не се лекува навремено не може целосно да исчезне, но со адекватен метод говорот се става под свесна контрола на личноста која пелтечи за да може да зборува без потешкотии.