Владата на францускиот претседател Емануел Макрон ги прикрила одлуките за нелегална обработка на минерална вода од страна на прехранбениот гигант Nestlé, вклучително и светски познатиот бренд Perrier, соопшти денеска истражната комисија на Сенатот.
Во извештајот се анализираат годините постапки на компанијата Nestlé за да избегне бактериско или хемиско загадување на водата што ја продава како „природна минерална вода“ или „изворска вода“ под брендовите Contrex, Vittel и Hépar. Таквите третмани се забранети според француските и европските регулативи.
Извештајот заклучува дека француската влада ја прикрила таа „нелегална пракса“.
Според регулативите на ЕУ, природната минерална вода не смее да биде подложена на никаква дезинфекција или третман што може да ги измени нејзините природни карактеристики.
Француските медиуми уште минатата година известуваа за вакви забранети третмани.
Сенатската комисија наведува дека постоела „намерна стратегија“ за прикривање уште од првиот состанок на Владата по ова прашање во октомври 2021 година. Неколку месеци подоцна, властите се согласија со планот на Nestlé да ги замени забранетите третмани со микро-филтрација.
Минатата година, швајцарската компанија јавно призна дека користела третмани врз минерална вода и прифати да плати казна од два милиона евра за да избегне судска постапка.
Истражната комисија разговарала со повеќе од 120 официјални лица информирани за проблемот. Само една личност одбила разговор – Алексис Колер, тогашен генерален секретар на Елисејската палата, за кого се наведува дека повеќепати се сретнувал со менаџери на Nestlé.
Комисијата заклучила дека „Претседателството на Републиката барем од 2022 година знаело дека Nestlé со години мами“.
На прашање за скандалот во февруари, претседателот Макрон изјави дека „не бил запознаен со тие работи… нема договор со никого“.
Александар Уизил, известувач на комисијата, рече дека француската агенција за контрола на измами проценила дека вкупниот обем на измамата изнесува над три милијарди евра.
„Природната минерална вода се продава од 100 до 400 пати поскапо од чешмата“, рече тој, осудувајќи го „измамувањето на потрошувачите“.
Уизил ја опиша фабриката на Nestlé во јужна Франција, која комисијата ја посетила, велејќи дека „нелегалниот третман на водата се спроведувал во простории скриени зад плакари“.
Во извештајот се наведува и дека Nestlé тврди: ако Владата не дозволи некаква форма на третман или микро-филтрација, нивните постројки ќе мора да бидат затворени поради контаминација на изворската вода со бактерии како ешерихија коли, кои можат да предизвикаат болести и смрт.