Овој филм има многу убавина во него, оваа камера беше одличен избор, а главната причина зошто ја одбрав токму неа, е заради опциите на леќите. Едноставно, знаев што сакав да работам.
Ова го истакна денеска директорoт на фотографија Дејвид Мекфарланд, кој сподели увид од неговиот најнов долгометражен филм „Vindicta“, интензивна драма за Втората светска војна.
Тој зборуваше на специјална панел-дискусија, која се одржа со поддршка на ARRI, во киното „Манаки“ во Битола, во рамки на ИФФК „Браќа Манаки“. Модератор на панел-дискусијата беше Киара Катаља, маркетинг менаџерка во компанијата, одговорна за Европа, Африка, Блискиот Исток и Индија.

Филмот зборува за 19 годишната Хана, чиј живот е скршен од трагедија и трансформиран од одмазда, а Мекфарланд пред публиката сподели детали околу снимањето на одредени сцени во филмот.
„Го направивме овој филм на неколку локации во Хрватска. Ова ми е прв пат да работам на Балканот. Соработувам со луѓе од многу земји и ова е извонредна соработка. Една од сцените е снимена вo Mаксимир паркот во Загреб, близу центарот, снимавме ноќе, а локацијата изгледа како да снимаме во шума. Тоа е прекрасен парк, кој ни дозволи многу слобода додека снимавме. Го снимивме ова во есен, лисјата беа паднати, а светлосните снопови низ лисјата изгледаа совршено“, рече Мекфарланд.
Според него, најважните моменти во снимањето филм се оние кога се гледа емоцијата кај актерот и тоа е причината поради која сцените со емоции му се омилени за снимање.
„Тоа создава линк меѓу гледачот и актерот. Јас сакам мојата работа да биде почувствувана. Правев грешки порано, ги ставав моите потреби над приказната, а тоа не е добро, тоа не ме исполнуваше. За кинематограферот е многу е важно како процесот на работа прави да се чувствуваш на крајот на денот. Имав среќа да соберам големо знаење од кинематографери кои ги запознав низ светот, а разговарањето со луѓе кои доаѓаат од различни култури, со свои перспективи, е многу моќно нешто. Јас се надевам дека не сум „баран“само поради мојата способност за кинематографија, туку и затоа што имам перспективи низ кои можам да ги раскажам своите приказни“, истакна Мекфарланд.