Во селата на Чучер Сандево денеска владее драматична и вознемирувачка слика, густи облаци чад, огнени јазици што се приближуваат до куќите. Пожарот што избувна во шумските предели меѓу Блаце, Чучер и Кучевиште се шири со алармантна брзина, оставајќи зад себе изгорена вегетација и страв кај населението.
Општина Чучер Сандево денеска свика вонредна седница и официјално побара од Владата прогласување на вонредна состојба поради големиот шумски пожар што беснее во неколку населени места. Огнената стихија, која започна во текот на вчерашниот ден, се прошири во селата Глуво, Чучер, Кучевиште и Блаце, загрозувајќи домови, културни споменици и безбедноста на жителите.
Недоволна механизација, барање за меѓународна помош
Градоначалникот на општината изјави дека расположливата противпожарна механизација не е доволна за справување со пожарот. Општината веќе испратила барање за меѓународна помош, а се разгледува и можноста за евакуација на населението од најзагрозените подрачја.
„Ситуацијата е критична. Пожарот се шири со голема брзина, а теренот е тежок и непристапен. Мора да се реагира веднаш,“ изјави градоначалникот.

Воздушна интервенција и блокиран сообраќај
Во гаснењето се вклучени и два полициски хеликоптери кои досега исфрлиле над 70 тони вода. Еден крак на пожарот, меѓу селата Блаце и Чучер, е ставен под контрола, но вториот се шири кон ридско-планински терен кој е речиси непристапен. Поради опасноста, сообраќајот кон Косово преку граничниот премин Блаце беше привремено целосно запрен.
На терен се и специјалните полициски единици „Хермелини“, како и пожарникарски тимови од Скопје. Се сомнева дека причината за пожарот е човечки фактор, а истрагата е во тек.
Од Центарот за управување со кризи велат дека до 18:00 часот има вкупно 8 пожари на отворен простор, од кои 8 се активни
Општина Прилеп: с.Бешиште (приземен во мешана шума);
Општина Македонски Брод 1: с.Црешнево (деградирана дабова шума и грмушки);
Општина Чашка: под Солунска глава помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина дупка каде нема активен пламен, само чад во карпест дел (шумски пожар);
Општина Чучер Сандево: помеѓу селата Блаце и Чучер (мешана шума и ниска вегетација).
Општина Македонски Брод 2: нас.Самоков во фабриката за муниција и оружје “Сувенир” (Опожарен е магацин /хала со гуми и палети )
Општина Македонски Брод 3: с.Слатино (лисната постелка и ниска вегетација)
Старо Нагоричане: с.Белаковце ( гори шума)
Општина Дојран с.Николич (нискостеблеста шума)