Ова е првпат од почетокот на руската инвазија објект на украинската влада да биде директно оштетен. Од снимките и фотографиите се гледа како од покривот на зградата се издига густ чад, но сè уште не е потврдено дали станува збор за директен напад или за остатоци од соборено беспилотно летало.
Премиерката на Украина, Јулија Свириденко, изјави:
„За првпат владината зграда е погодена од непријателски напад, со оштетувања на горните катови и покривот. Ќе ги обновиме објектите, но изгубените животи не можат да се вратат.“
Според украинските воздухопловни сили, Русија во нападот употребила повеќе од 800 беспилотни летала и ракети, од кои најголемиот дел биле пресретнати. Сепак, остатоците предизвикале пожари и разурнувања на повеќе локации низ земјата.
Во Киев е делумно уништена деветкатна станбена зграда, а пожари зафатија и неколку висококатници. Меѓу повредените има и бремена жена, потврди градоначалникот Виталиј Кличко.
Напади биле регистрирани и во други региони:
- Во Кременчук беа пријавени експлозии и прекини на електрична енергија.
- Во Кривји Рог цел била транспортната и урбаната инфраструктура.
- Во Одеса се запалиле станбени блокови и била оштетена цивилна инфраструктура.
Од Москва засега нема официјален коментар.
Полска, пак, како одговор на заканата, повторно ги активираше своите и сојузничките борбени авиони за да го обезбеди националниот воздушен простор.