Видео: Чиле се бори против сушата со човечка коса

Во земја која со години се соочува со екстремни суши, Чиле пронајде невообичаен, но иновативен сојузник – човечката коса. Со помош на мали простирки направени од човечка коса, земјоделците во оваа јужноамериканска држава го штитат почвеното богатство и значително ја намалуваат потребата од вода за наводнување.

Простирките, создадени со механичко ткаење на отфрлена коса, го намалуваат директното испарување на влагата од почвата за дури 71% и овозможуваат заштеда до 48% на вода за наводнување, велат од фондацијата Matter of Trust Chile, која го води овој проект.

„Косата е навистина интересен материјал. Таа содржи хранливи материи – азот, калциум, сулфур и органски супстанции кои го збогатуваат тлото и го стимулираат растот на растенијата за најмалку 30%“, објаснува Матија Каренини, извршен директор на фондацијата.

Пример од терен: Лимони во пустината

Марија Салазар, земјоделка од Талтал – сува област во регионот Антофагаста, 900 километри северно од Сантјаго – споделува дека благодарение на простирките од коса добила одличен род од лимоновите дрвја.

„Овие простирки се од голема корист. Го чуваат тлото под сенка, задржуваат влага и спречуваат сончевите зраци да ја испарат онаа малку вода што ја имаме“, вели Салазар.

Рециклирање со креативна визија

Фондацијата Matter of Trust Chile е основана во 2020 година и има за цел да го поттикне зачувувањето и обновувањето на природата преку креативна употреба на отпад.

Косата се прибира преку договори со 350 фризерски салони и 10 салони за домашни миленици низ цел Чиле – при што околу 2% од влакната потекнуваат од миленичиња.

Покрај простирките, фондацијата произведува и течно ѓубриво од рециклирана коса, како и апсорбент на база на коса што извлекува масло, метали и други загадувачи од водата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни