Демонстрантите блокираат патишта, палат канти за отпадоци и се судираат со полицијата во повеќе градови.
Според официјалните извештаи, речиси 200 лица се уапсени, а безбедносните сили се распоредени низ целата држава со цел брзо да ги отстранат барикадите и да го нормализираат сообраќајот.
Во Париз, полицијата употреби солзавец против млади демонстранти кои го блокираа влезот на едно средно училиште, додека пожарникарите ги расчистуваа запалените барикади. Полицијата спречи и група од околу 1.000 демонстранти да влезат на железничката станица Гар ду Нор.
Министерот за внатрешни работи, Бруно Ретајо, изјави дека во градот Рен е запален автобус, а на други места демонстрантите фрлале големи камења врз полицијата.
Протестите доаѓаат само неколку дена по гласањето недоверба во парламентот, со што беше сменет дотогашниот премиер Франсоа Бајру. Нов премиер е именуван Себастиен Лекорни, близок соработник на претседателот Емануел Макрон, што дополнително ја разгневи левицата.
„Истото сра*е е тоа – Макрон е проблемот, не министрите“, изјави Фред, претставник на синдикатот CGT на јавниот превоз во Париз.
Во Нант, демонстрантите запалија гуми и канти и блокираа автопат, додека во Монпеље се судрија со полицијата на кружен тек. Во Бордо, педесетина маскирани лица се обидоа да постават барикади, а во Тулуз протестот беше брзо згаснат, иако железничкиот сообраќај остана нарушен.
Околу 80.000 припадници на безбедносните сили се распоредени низ Франција, од кои 6.000 во Париз. Се проценува дека околу 100.000 луѓе ќе учествуваат во демонстрациите.
Движењето „Блокирајте сè“, кое започна како иницијатива на десничарски групи на социјалните мрежи, брзо беше прифатено од левичарските и крајно левичарски групи. Според француските медиуми, движењето е израз на длабоко незадоволство од политичката елита и економската политика на штедење.
Оваа мобилизација многумина ја споредуваат со протестите на „Жолтите елеци“ од 2018 година, кои започнаа како реакција на зголемување на цените на горивото, а прераснаа во широк отпор против Макрон и неговите економски реформи.
Извор: Index.hr