Програмата започна со резиденција, каде младите уметници разменуваа искуства, истражуваа нови форми на креативно изразување и работeа на подготовка на своите изложби и изведби. Централен проект беше современата адаптација на „Сон на летната ноќ“ од Шекспир, која подоцна се реализира како главен перформанс на завршната вечер од фестивалот.
По резиденцијата започна фестивалскиот дел кој донесе динамична и разновидна програма. Деновите започнуваа со активности на отворено – актерски вежби, јога, истражувачки прошетки и посета на пештера – кои ги поврзуваа учесниците со просторот и енергијата на Плачковица. Во текот на секој ден се одржуваа и креативни работилници и дискусии на различни теми – од работилница за костимографија и колективна изработка на костимите за Сон на летната ноќ поддржана од Комбо креативно студио, ликовна колонија во селото со Анастасија Саздовска, работилница за типографија со Филип Цветков, дискусија за македонскиот јазик и зборообразување со Зборци, психолошка работилница и арт терапија со психолог Ана Тодоровска, и работилница „Економијата на планината – Мапирање на тековите на животот“ со Калина Дуковска.

Културните квечерини се отвораа со изложби на младите ликовни уметници Мила Добревска, Анастасија Саздовска и Стефан Младеновски, чии дела беа поставени во напуштеното село Вртешка, оживувајќи го со нова уметничка смисла.
На театарската програма под отворено небо се изведоа: „Добри Луѓе“ во режија на Тамара Стојаноска, „Којзнае Зошто“ според Достоевски во режија на Дамјан Читкушев и колективната продукција „Сон на летната ноќ“, во која главен партнер во осмислување и реализација ни беше независната театарска група Штрих. Во оваа претстава покрај глумци, глумеа и студенти од ФДУ, музичари, креативци, режисери, драматурзи, па дури и професор по латински.
Голема чест ни направи гостувањето на младиот режисер Батухан Ибрахим и тимот на Зенит Филм, со проекции на четири кратки филмови – меѓу кои и филм прикажан на Канскиот фестивал и на „Браќа Манаки“ – по што следеше отворена дискусија со публиката.
По изложбите, филмовите и претставите, вечерната програма продолжуваше со концерти и музички настапи: бендовите Трето Колено, Сиото Џез и Next to Silence, како и специјална музичка селекција на диџејот ЈанкоПетелЈаваше.

Со својата уникатна поставеност – високо во планината и во непосредна врска со природата – ВИА повторно се потврди како простор на современа уметност, колективно создавање и автентично искуство за уметници и публика.
Четвртото издание на ВИА ја продолжува мисијата на здружението Купола: градење културна заедница, развивање на нови уметнички јазици и отворање простор за експеримент и соработка меѓу младите.
Овој проект го реализиравме во партнерство со Корифеј Театар од Црна Гора, и со поддршка на Министерството за култура и RYCO.
Линк до инстаграм – https://www.instagram.com/ia.vrteshka/
Линк до веб – https://iavrteshka.com/