Вечерва спектакуларната „Крвава Месечина“ со два телескопи ќе се следи од Плоштад Македонија

Денеска љубителите на астрономијата и небесните појави ќе бидат сведоци на редок феномен – целосно помрачување на Месечината, позната и како „Крвава Месечина“. Настанот ќе трае околу 82 минути, а според најавите од Скопското астрономско друштво, граѓаните на Скопје ќе имаат можност да го следат директно од плоштад „Македонија“.

„Ќе бидеме присутни со два телескопа на плоштад Македонија. Помрачувањето кај нас ќе започне уште пред изгрејсонцето на Месечината, па првиот контакт нема да биде видлив. Но, околу 19:15 часот Месечината ќе се појави зад зградите, веќе повеќе од половина затемнета. Околу 19:30 часот таа целосно ќе влезе во сенката на Земјата и ќе добие впечатлива црвена боја,“ велат од Скопското астрономско друштво.

https://www.facebook.com/story.php?story_fbid=795974859441054&id=100070856414244&mibextid=wwXIfr&rdid=q9IB2HvLOAU6KFwc#

Најдлабокиот момент на затемнувањето ќе биде околу 20:11 часот, кога Месечината ќе изгледа најтемна и најкрваво црвена. Постепеното излегување од сенката ќе трае до околу 22 часот, кога повторно ќе стане осветлена.

Зошто „крвава“?

Кога Земјата ќе застане помеѓу Сонцето и Месечината, таа ја блокира светлината што обично ја осветлува месечевата површина. Но, наместо целосно да исчезне, Месечината станува црвеникава поради тоа што атмосферата на Земјата пропушта само светлина со подолги бранови должини (црвен спектар), додека сината светлина се распрснува – истиот процес што го прави небото црвено на зајдисонце.

Ова помрачување ќе биде видливо за повеќе од 6,2 милијарди луѓе ширум светот – од Азија и западна Австралија, па сѐ до Европа, Африка и Нов Зеланд. Во Македонија ќе може да се следи најважниот дел – фазата на целосното затемнување.

Од Скопското астрономско друштво апелираат:
„Очекуваме голем број посетители покрај телескопите. Ве молиме за трпение – овој редок феномен трае долго и секој ќе има можност да погледне. Ако имате двоглед или фотоапарат, понесете ги со вас.“

Целиот процес ќе трае околу пет и пол часа – од 17:28 до 22:55 часот по локално време, но за Скопје најважните моменти ќе бидат од 19:15 до 20:50 часот, кога Месечината ќе биде најцрвена.

Последното целосно затемнување на Месечината се случи во ноември 2022 година и траеше 85 минути.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни