Синоќа во Народниот театар во Сараево заврши 31. издание на Sarajevo Film Festival, а највисокото признание – Срце на Сараево за најдобар филм – му припадна на делото „Ветре, кажи ми“ на српскиот режисер Стефан Ѓорѓевиќ.
На сцената Ѓорѓевиќ не ја искористи наградата само за уметничко признание, туку и за политичка и општествена порака. Филмот го посвети на својата мајка, но и на сите мајки на студентите кои, како што рече, „се тепани на улиците во Србија“.
„Ова за мене не е само филм, туку многу повеќе. Ова е наш семеен документ. Но, исто толку важно ми е студентите да знаат дека сме со нив, дека не се сами. Иако можеби не сме сите на улица, многумина стоиме цврсто зад нив. Ќе победиме. Порано или подоцна – но победата ќе дојде“, изјави Ѓорѓевиќ на сцената, пред преполната сала.
Со тоа, лауреатот на главната награда испрати најсилна порака на вечерта – дека културата и уметноста не се само фестивалски свечености, туку и простор од каде може да се зборува за слободата, правото на отпор и солидарност со младите.
Покрај ова признание, Срце на Сараево за најдобра режија отиде кај Ивана Младеновиќ за филмот „Sorella di Clausura“, а награда за најдобар актер доби Андрија Кузмановиќ за улогата во „Yugo Florida“.
Но вечерта ќе остане запаметена по зборовите на Ѓорѓевиќ, кои во еден миг ја надминаа границата на филмот и се претворија во манифест на солидарност со студентските протести и борбата за достоинство.