Рокот од 90 дена, кој претседателот на САД Доналд Трамп им го постави на другите земји да склучат трговски договори со САД или ќе се соочат со значително повисоки царини, истекува за само неколку дена.
Што точно ќе се случи по 00:01 по источен американски временски појас на 9 јули, никој не може да предвиди.
„Ден на ослободување“
Влоговите се огромни, со оглед на тоа што целата глобална економија е предупредена, пренесува CNN.
Втори април, датумот што Трамп го нарече „Ден на ослободување“, ги откри новите, „реципрочни“ царински стапки за клучните американски трговски партнери – со некои царини до дури 50%.
Заедно, тие царински стапки беа највисоки што САД ги наплатиле на увезени производи во повеќе од еден век.
Економистите брзо предупредија на рецесија која нема да погоди само поединечни земји, туку и глобално.
Кога царините стапија на сила на 9 април, предизвикаа распродажби на берзите на Волстрит, а пазарот на обврзници реагираше бурно, принудувајќи го Трамп да објави 3-месечна пауза за да им даде на земјите повеќе време да постигнат договори со САД. Тогаш изјави дека инвеститорите станале „малку нервозни, малку исплашени“.
Оттогаш, речиси целата стока што ја увезуваат САД е подложена на минимална царина од 10%.
Берзите, во меѓувреме, не само што ги повратија загубите, туку поставија и нови рекордни нивоа.
Инфлацијата остана стабилна. Но ако царините повторно почнат да растат и инфлацијата се врати, тие добивки може брзо да се избришат.
Месечни преговори
По неколку месеци разговори со странски влади и безброј тврдења дека неколку трговски партнери се блиску до постигнување договор, досега се објавени само три договори.
Еден од нив, со Виетнам, сè уште не е финализиран и постојат малку информации за него.
Сепак, администрацијата на Трамп најавува дека следува бран на нови договори.
Истовремено, Трамп се закани дека ќе испрати писма до земјите кои нема да потпишат договори, во кои ќе биде наведено со која царинска стапка ќе се оптовари нивниот извоз во САД.
Во пресрет на 9 јули, официјални лица од администрацијата на Трамп се заканија дека ќе ги вратат царините од април – или можеби дури и ќе воведат повисоки стапки.
Исто така, се спомна можноста за продолжување на паузата за земјите кои „преговараат со добра волја“, иако не е дефинирано што тоа точно значи.
Не е јасно каква е конечната одлука на Трамп, кој ќе има последен збор.
„Можеме да ја продолжиме (паузата), можеме да ја скратиме. Би сакал да ја скратиме. Би сакал само да испратиме писма до сите: ‘Честитки, плаќате 25%.’“
Добри или не?
„Ќе видиме како земјите се однесуваат со нас – дали се добри, дали не баш добри – за некои земји и не нè интересира, едноставно ќе испратиме повисока бројка“, изјави неодамна Трамп.
Тој рече дека ќе почне да испраќа писма во наредните денови.
„Царините ќе се движат од можеби 60% или 70% па надолу до 10% и 20%“, рече Трамп.
За многу земји, ваквите стапки би значеле уште посилен економски удар во споредба со царините најавени во април.
Сепак, земјите би можеле да добијат шанса за нови преговори, бидејќи Трамп рече дека повеќето нови царини нема да стапат на сила пред 1 август.