Украдени порцелански ремек-дела вредни 9,5 милиони евра од музеј во Франција

Во ноќен упад во францускиот град Лимож, крадци однеле три кинески порцелански предмети со огромна историска и културна вредност од музејот „Адриен Дубуше“.

Според соопштението на музејот, украдени се две особено значајни кинески чинии од 14. и 15. век и ваза од 18. век, сите прогласени за „национално богатство“. Вредноста на украдените експонати се проценува на околу 9,5 милиони евра.

Разбојниците влегле преку скршен прозорец и го активирале алармот, но успеале да побегнат пред да стигне полицијата. Обвинителството во Лимож отвори истрага за „тешка кражба на културно наследство извршена во група со предизвикување материјална штета“.

Градоначалникот Емил Роже Ломберти изјави дека иако безбедносниот систем функционирал, сепак ќе треба да се преиспита. „Сите големи светски музеи се соочиле со кражби. Најверојатно колекционери нарачуваат вакви дела, а зад кражбите стојат врвни криминални групи,“ рече тој.

Музејот „Адриен Дубуше“ поседува околу 18.000 дела и ја има најголемата јавна збирка на порцелан од Лимож.

Ова не е прв таков случај – минатиот ноември четворица маскирани напаѓачи со секири и палки ограбија изложбена витрина во парискиот музеј „Коњак-Џеј“, однесувајќи скапоцени табакери и други уметнички предмети.

Извор:The Guardian

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни