Тувалу исчезнува под морето, но сака да опстане како дигитална нација

Малата островска држава Тувалу во Тихиот Океан полека исчезнува под морето. Според студии на НАСА, до 2050 година значителен дел од територијата на Тувалу би можел да биде целосно потопен, а до крајот на векот, односно до 2100 година, се предвидува дека целата држава ќе се најде под нивото на морето. И покрај оваа катастрофална прогноза, политичкото раководство на земјата планира Тувалу да продолжи да постои – како нација без територија.

„Ова е егзистенцијална закана за независноста и идентитетот на Тувалу“, предупреди минатата година тогашниот министер за надворешни работи, Пасуна Туага. Проблемот со исчезнувањето на државниот териториј веќе не е само хипотетички, туку станува реалност за Тувалу и неколку други мали островски држави кои се наоѓаат во првите редови на климатската криза.

Што значи држава без територија?

Дефиницијата за држава е поставена во Конвенцијата од Монтевидео од 1933 година, која и денес е водилка во меѓународното право. Таа предвидува дека за постоење на држава мора да има дефинирана територија, стабилно население, влада и капацитет за воспоставување односи со други држави.

„Ако критериумот за постоење на територија се смета за апсолутен, тогаш е тешко да се оправда постоење на држава која ја нема својата физичка земја,“ вели Јорген Едален, политиколог и професор на Универзитетот во Упсала, кој се занимава со истражување на оваа тема.

Но Тувалу веќе го гради својот план за преживување. Покрај физичкото иселување на населението, владата започна со процес на дигитализација на земјата – со цел создавање на „прва дигитална нација“ во светот.

Првата климатска миграција

Со околу 11.000 жители, Тувалу е една од најмалите независни држави во светот. Сместена северозападно од Австралија, таа веќе соработува со Канбера на програма за климатска миграција, која дозволува 280 жители годишно да се населат трајно во Австралија. За првиот циклус, интересот бил огромен – речиси 9.000 луѓе се пријавиле, а 280 биле избрани на 25 јули оваа година.

Целта е населението постепено да се пресели, но во исто време, властите сакаат да обезбедат културен и национален континуитет. Дури и ако територијата исчезне, Тувалу сака да остане суверен ентитет со свое знаме, култура, јазик и политичка самостојност.

Поморски граници без копно?

Голем дел од економијата на Тувалу се потпира на издавање дозволи за риболов на големи комерцијални флоти. Тоа му овозможува на островот значителни приходи. Но, ако државата исчезне, постои ризик 600.000 квадратни километри поморска територија што сега е под суверенитет на Тувалу да стане меѓународни води.

„Според актуелното меѓународно право, не може да има територијални води без територија,“ вели Едален. Сепак, постои иницијатива која предлага трајно „замрзнување“ на моменталните граници, така што дури и кога копното ќе исчезне, границите на поморската зона да останат правно признати.

Минатата година, тогашниот премиер на Тувалу, Фелети Тео, официјално побара поддршка за оваа идеја во Генералното собрание на Обединетите нации. За да се постигне тоа, потребна е поширока согласност во рамките на ОН и промени во Конвенцијата на Обединетите нации за морско право.

Дигитална држава во „облак“

Во 2022 година, Тувалу го лансираше својот најиновативен проект – создавање на дигитална верзија на државата. Сето тоа се случува преку скенирање на секој дел од островите – од плажите и шумите, до куќите и објектите. Идејата е, кога територијата ќе исчезне, Тувалу да продолжи да постои во „облакот“ – како виртуелна држава со дигитален суверенитет.

„Нашата земја, нашето море и нашата култура се најважни вредности за нашиот народ. И, без разлика на тоа што ќе се случи во физичкиот свет, ќе ги зачуваме во дигитална форма,“ изјави тогашниот министер за надворешни работи, Сајмон Кофе, при претставување на проектот.

Едален смета дека зачувувањето на чувството на заедништво и национален идентитет е клучно за опстанок на Тувалу. „Не е погрешно да се размислува како што тоа сега го прави Тувалу – со дигитализација. На тој начин, островите можат да се ‘посетат’ виртуелно, а националната припадност може да продолжи, иако физичкиот простор исчезне.“

Тувалу, како дигитална нација, отвора нова страница во модерната историја – страница што ги поставува темелите на нова дефиниција за државност во време на климатски катастрофи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни