Трн во Буково кај Даниела на толчење буковска пипер

Во подножјето на Баба Планина на надморска височина од околу 750 метри е распослано село Буково. Секоја куќа мириса на дом, а од една се шири опоен мирис на црвени пиперки кои се сушат. Не можевме да одолееме и да не тропнеме на портите. „Повелете во домот на зачинот кој полека го освојува светот“, ни рече Даниела Мандровска, држејќи низа црвени пиперки во рацете.

Мандровска е верен чувар на семејната традиција. Тоа што го научила од предците сака да го пренесе и на потомците свои. Свесна е дека земјоделието не е лесна работа, но горда е на тоа што го произведува заедно со целото семејство.

„Производството на буковска пипер е семејно наследство, таа се произведувала во нашето семејство многу години и ние не сакавме да ја прекинеме таа традиција, туку напротив, со гордост да ја продолжиме. Најпрво не ни беше многу исплатливо, но во 2014 година Slow Food Битола ни предложи соработка и предлози за заштита и промоција на нашиот производ. Тоа беше мотив плус официјално и со поголеми амбиции да произведуваме буковска пипер“, ни раскажува Даниела, додека љубопитно зјапаме во низите кои ни го крадат погледот.

Свежиот и пријатен септемвриски ветер ги нишаше веќе исушените пиперки, а делот на дворот каде семејството Мандровски го толчи пиперот само го надополнуваше идиличниот селски амбиент. Ткаени черки, аван, ќускија и столче троножец се дел од овдешните предмети кои ве навраќаат на едни дамнешни времиња, кога индустријата не доминираше. Сепак и во ера кога се е модернизирано, токму традиционалниот начин на производство е тој кој го дава шмекот на буковскиот толчен пипер, ни објаснува Даниела.

„Уникатноста и посебноста е најпрво во семето, кое е автентично и успева само во Буково, потоа во текот на обработката не користиме никакви машини туку целата обработка е рачна, бавна и природна со посебни алатки, сето тоа зачинето со многу љубов. Црвените пиперки ги бериме од нивите кон крајот на август и ги нижиме во низи. Се сушат надвор на отворено, додека се уште времето е топло. Потоа кога почнуваат есенските дождови, најчесто во ноември, пиперките се носат во сушница (мала просторија во која гори мала печка) и тука се досушуваат на температура од 60 до 80 степени во период од една до две недели. Потоа пиперките се „грушат” па се толчат во дрвено кутле со ќускија“, вели Мандровска, покажувајќи ни на лице место како се толчи пиперот.

Признава дека од година во година се побројни се луѓето како нас кои тропаат на нејзината порта, интересирајќи се традиционалниот процес на производство на толчен црвен пипер. Водена од тоа секогаш остава неколку суви пиперки кои се спремни за обработка, бидејќи не секогаш кога некој ќе ги посети, како во случајов екипата на Трн, тековните пиперки не се спремни за толчење.

„Пиперките не ги набавуваме туку ги садиме бидејќи за да биде оригинална буковска пипер мора пиперките да се одгледуваат во атарот на секи Буково, на надморска височина од 750 метри и да бидат од посебно буковско семе. Процесот на одгледување започнува во пролет кога семето го сееме во леи, потоа во мај го расадуваме во нивите, во текот на летото го обработуваме, наводнуваме и очекуваме пиперките да станат црвени за да започнеме со берење“, вели Даниела, истурајќи од веќе готовиот истолчен пипер во мали теглички.

Не само што расте бројот на млади луѓе кои сакаат преку храната да го вкусат минатото туку пројавуваат и интерес да ја продолжат ваквата традиција. А дека традицијата, особено проткаена низ буковскиот толчен пипер на Даниела, буди интерес кај бројни гурмани говори и фактот што скоро никогаш немаат залихи.

„Бидејќи производството е рачно и процесот на добивање трае подолго, моментално не располагаме со огромни количини. А заинтересираните можат да не најдат на сите настани, саеми и пазари организирани од Slow Food, како и на социјалните мрежи под името Президиум Буков“, вели Даниела.

Сонцето полека го најавуваше крајот на уште еден септември ден, а екипата на Трн ги пакување впечатоците од село Буково во новинарска приказна. Приказната за буковскиот пипер ќе трае онолку долго колку што Даниела со семејството ќе го произведува, а сите ние како уживатели на добриот вкус ќе му се насладуваме.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни