Три големи европски држави предлагаат забрана на социјалните мрежи за деца

Европската Унија може да стане светски предводник во ограничување на пристапот на децата до социјалните мрежи. На иницијатива на Грција, со поддршка од Франција и Шпанија, подготвен е предлог што бара ЕУ да воведе нови правила со кои масовно ќе се ограничи користењето на социјалните мрежи од страна на деца. Предлогот доаѓа како реакција на сѐ поголемата загриженост во јавноста за штетното влијание на прекумерното време поминато онлајн.

Австралија веќе поставува пример

Иако ЕУ не е прва што размислува за вакви мерки – Австралија веќе најави дека од крајот на годинава ќе воведе минимална возраст од 16 години за отворање профили на одредени социјални мрежи.

Според документот до кој дојде Politico, државите предлагаат Брисел да постави заедничка граница на „дигитална полнолетност“ на ниво на целата ЕУ, под која на децата би им бил потребен родителски пристанок за користење апликации како TikTok, Instagram или Snapchat.

Расправа почнува во јуни

Министрите за дигитални прашања на ЕУ ќе дискутираат за предлогот на почетокот на јуни. Данска, која од јули презема ротирачко претседателство со Советот на ЕУ, веќе најави дека оваа тема ќе биде висок приоритет.

„Заштитата на нашите деца на интернет е клучен приоритет на претстојното данско претседателство“, изјави данската министерка за дигитални прашања, Каролине Стаге Олсен. Премиерката Мете Фредериксен, пак, веќе поддржа целосна забрана за деца под 15 години.

Макрон ја промовираше „дигиталната полнолетност“

Овој потег го следи и повикот на францускиот претседател Емануел Макрон кој во 2024 година повика Европа да воспостави дигитална полнолетност на 15 години, термин што самиот го воведе.

Повеќе од блокада – нови дигитални стандарди

Предлогот оди чекор подалеку од постоечките закони – бара задолжителна проверка на возраст на ниво на уреди, вградена родителска контрола, како и воспоставување „европски дигитални норми“. Тоа значи ограничување на автоматската репродукција на содржини, таргетирани реклами и поп-ап прозорци кои ја зголемуваат зависноста.

Иако технолошките компании, како Apple и Google, најверојатно ќе се спротивстават на проверка на возраст на ниво на уреди, многу земји ја поддржуваат идејата дека платформите треба да се дизајнираат со деца на ум – без функции што поттикнуваат зависност.

Франција веќе ги воведе првите мерки

Франција во 2023 година донесе закон кој го блокира пристапот до социјалните мрежи за деца под 15 години, иако мерките сѐ уште не се целосно применети. Министерката за дигитални прашања Клара Шапа последните месеци активно лобира за поширока поддршка на ниво на ЕУ.

Грција, пак, иако не поддржува целосна забрана, се залага за поефикасна проверка на возраста и дизајн на платформите што не стимулира зависност кај младите. Затоа дел од предлозите во документот се оставени поопшти.

Оваа иницијатива сигнализира дека европските главни градови бараат побрзи и поефикасни решенија за заштита на децата од штетните влијанија на социјалните мрежи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни