Search

Травче на гравче

Во февруари 2016 година, во Македонија се воведоа законски измени со кои се озакони односно се легализираше одгледувањето канабис за медицинска употреба, производството на лекови од канабис и лекувањето со лекови од канабис. Ретко кој очекуваше дека владата на десно ориентираната и конзервативна ВМРО-ДПМНЕ ќе посегне по вакво решение. Спротивно на првичното воодушевување и очекувањата на јавноста за поголема демократизација, извршните органи на државата и понатаму продолжија со прогон на луѓето кои употребуваат канабис. Ова го гледаме и денеска. Медиумите се полни со информации од МВР за апсење на луѓе кај кои било пронајдено неколку грама канабис. Се покажа дека главната цел на овие законски промени беше остварувањето економска добивка за мал број на компании и луѓе кои веќе имаа доволно финансиски средства за да се вклучат во новиот бизнис со канабис. Подоцна Владата под водство на Зоран Заев неколку пати најавуваше дека планира да направи дополнители законски измени со кои ќе се овозможи легализација на канабисот за лична употреба. Се спомнуваа неколку модели – пилот легализација во 3-5  града туристички  места во Македонија, потоа воведување на модел сличен на Амстердам и некои други модели. Се предвидуваше дека легализацијата ќе предизвика економски бум и веста дека  Македонија планира да го легализира канабисот се  најде на повеќе светски медиуми а се поголем број на луѓе од Балканот почнуваа да ни завидуваат. Во Србија беше многу популарен твитот- Травче на гравче алудирајки дека во Македонија сега главна кулинарска понуда ќе биде канабисот. Владата формираше и работна група  со мандат да изготви предлог решенија за легализација на канабисот. Членови на работната група беа претставници на релевантни министерства и институции како  и граѓански организации обединети во движењето Операција Ослободување. Работната група се состана неколку пати во 2020 и првата половина  на 2021 година, се разгледуваа повеќе опции за легализација на канабисот но  дојде до промена на структурата на Владата, се поставија нови министри и нов премиер и од тогаш оваа прашање е заборавено. Две и пол години прашањето за легализација на канабисот е замрзнато. Граѓанските организации неколку пати јавно ја повикуваа Владата, одржуваа  прес конференции, даваа интервјуа и учествуваа на повеќе медиуми повикувајќи ја Владата да продолжи да работи согласно усвоената програма за работа на новиот премиер Ковачевски.

Во програмата за работа на новата Влада за периодот 2022-2024 година е напишано дека “Владата ќе ги интензивира политиките и активностите за декриминализација, легализација и искористување на медицинските, социјалните и економските придобивки на канабисот”.

Во програмата е наведено реализиција на сите барање на движењето Операција Ослободување  кое го сочинуваат голем број на здруженија и поединци и кои своите барања ги изразија во рамките на работната група а тоа се :

• Декриминализација и легализација на поседување и лична употреба;

• Декриминализација на одгледувањето на растенија за лична употреба;

• Разгледување можности за основање и работење на канабис социјални клубови;

• Зголемување на бројот на здравствени состојби за кои може да се користи канабис;

• Дозвола за лекари од приватното здравство да препишуваат препрати од канабис и можност пациентот кој добил препорака за лекување со препарати од канабис да може сам да си одгледа и користи во форма во која најмногу му одговара за неговата состојба (орално, преку инхалација или преку супозитории);

• Основање на агенција за канабис (и во нејзин склоп);

• Формирање фонд од давачките што ќе ги плаќаат правните лица кои произведуваат и тргуваат со канабис

Но сето тоа остана само во напишаната програма.  Македонија имаше можност да биде лидер во овој дел од Европа барем во една работа. Добро почна ама како и многу пати досега се покажа дека не сме кадарни. Мала земја сме и се слушаат муабети дека главната причина за нереализирањето на легализацијата на канабисот е противењето на коалициониот партнер – ДУИ кој најавил дека законските измени нема да ги гласа. Замислете,  партијата која себе си се нарекува зелена партија е против легализација на зеленото. Каков парадокс. Тоа е исто како феминистичкото движење да биде против правата на жените. 

Нејсе, останува да се надеваме дека можеби некоја нова владина структура и парламентарно мнозинство ќе успее да ја реализира легализацијата и дека во рестораните ширум земјава едно од најтражените јадење навистина ќе биде Травче на гравче.

Авторот е истражувач, активист за човекови права, фотограф и магистер по социјална политика.

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни