Трагични последици од нуклеарните тестови – жртвите сè уште страдаат

До денес, во светот се извршени повеќе од 2.000 нуклеарни проби, а последиците сè уште се чувствуваат.

Подрачјата каде што се изведувале тестовите остануваат радиоактивно загадени, а многу жители и денес боледуваат од тешки болести. Особено е погодена Француската Полинезија во Јужниот Пацифик, каде француската армија активирала 193 атомски бомби на атолите Муруроа и Фангатауфа.

„Триесет години бевме француски заморчиња“, вели младата пратеничка и активистка Инамојра Морган-Крос од Тахити, која потсетува дека во регионот има натпросечен број заболени од рак, како и деца родени со деформации. „Со своите експерименти го отрујаа океанот од кој доаѓа нашата храна“, изјави таа на собир во Берлин, организиран од Меѓународните лекари за спречување нуклеарна војна.

Иако Франција официјално ги прекина тестовите во 1996 година, Париз никогаш не упати целосно извинување до жителите на Полинезија. Претседателот Емануел Макрон во 2021 година призна вина, но рече дека експериментите не би се изведувале „ниту во централна Франција, ниту во Бретања“.

Последиците од радијацијата се чувствуваат со генерации. Според експертите, покрај зголемен ризик од различни видови рак, жените изложени на зрачење имаат чести спонтани абортуси и ризик од неплодност.

Иако Франција во 2010 донесе закон за обесштетување, до денес само 417 жители на Полинезија добиле надомест. „Луѓето мораат да докажат дека токму во моментот на тестовите биле на одредено место – што по толку години е речиси невозможно“, предупредува експертката Јана Балдус од European Leadership Network.

На Меѓународниот ден за укинување на нуклеарното оружје (26 септември), ОН и невладините организации потсетуваат дека страдањето на жртвите не смее да биде заборавено.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни