Во јули, метеоролошка станица во норвешкиот дел на Арктикот измерила температури над 30°C дури 13 дена, додека Финска се соочува со три последователни недели од екстремна жештина. Овој бран е за 50% подолг од претходниот рекорд, што дополнително ги потврдува предупредувањата на климатските научници.
„Топлотниот бран е сè уште во полн ек. Денешната максимална температура се движи меѓу 32 и 33 степени“, изјави Мика Рантанен, климатолог од Финскиот метеоролошки институт. „Дури и арктичките региони бележат повеќе од три недели со температури над 25°C, што е потенцијално нов рекорд за август.“
Норвешкиот метеоролошки институт потврди дека барем една станица во северните области на земјата секојдневно регистрирала температури над 30°C во текот на 12 дена од јули. И покрај краткото заладување, прогнозите покажуваат дека викендов се очекуваат нови температурни скокови.
Во Шведска, топлотниот бран трае 14 дена во Хапаранда, а во Јокмок, Лапонија, дури 15 дена. „За да се најде подолг ваков период, треба да се вратиме повеќе од еден век наназад“, изјави Свекер Хелстром од Шведскиот хидрометеоролошки институт.
Жештините започнаа во средината на јули, поттикнати од загреаните морски води покрај норвешкиот брег и стабилен висок воздушен притисок, кој предизвика температури 8 до 10 степени над сезонската норма. Регионов потоа беше погоден и од невремиња и громови кои предизвикаа шумски пожари.
Последиците се видливи и во секојдневниот живот. Во северна Финска, луѓето бараат засолниште од жештината во лизгалишта, откако болниците не успеаја да се справат со бројот на пациенти. Пастирите, пак, предупредуваат дека ирвасите се на работ на преживување поради тропската клима.
Шведските медиуми известуваат дека странски туристи, кои патуваат кон Скандинавија во потрага по “ладни одмори” — или „coolcations“ — наместо освежување, се соочиле со опасни температурни предупредувања.
„Како што климатските промени напредуваат, овие исклучително сериозни топлотни бранови ќе станат поинтензивни“, предупредува Хеики Туоменвирта од Финскиот метеоролошки институт. „Тие се појавуваат почесто, се посилни и траат подолго.“
Скандинавија, традиционално прилагодена на студени услови, сега станува еден од регионите најпогодени од глобалното затоплување. Научниците алармираат дека инфраструктурата во земји како Обединетото Кралство, Норвешка и Швајцарија не е подготвена за долгорочни жештини, што создава ризици за здравјето и безбедноста на населението.