Search

Топлотен бран во Европа, шумски пожари во Канада, над 50 степени измерени во Кина

Европа ја зафати топлотен бран, а според најавите на синоптичарите високите температури ќе продолжат и во следните десетина дена. Највисоката температура во понеделникот во Европа беше измерена во Шпанија, во Андухар 44,8 степени Целзиусови, а веднаш потоа беше и Сицилија со 43,5. Температури над 40 степени Целзиусови беа измерени и во Италија, Грција и Турција.

Температурите низ целиот континент ќе продолжат да растат и оваа недела, а одредени места во Европа ќе регистрираат и повисоки температури од овие. Светската метеоролошка организација објави дека својот пик топлотниот бран ќе го има во среда во делови од Медитеранот, вклучувајќи ги Турција и Грција. Ноќите исто така ќе бидат екстремно топли.

Фото: EPA

Високите температури во Грција предизвикаа огромни пожари, а најавите за продолжување на топлотниот бран се само лош знак за нивото запирање. Грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис рече дека вчера бил првиот тежок ден од летото и дека уште такви денови неминовно ќе следат.

„Пожарите се случуваат и ќе се случуваат. Ова е ефект на климатската криза која ја чувствуваме со засилен интензитет. Предизвикот сега е да ги ставиме пожарите под контрола што е можно побрзо, за да ја ограничиме штетата“ рече Мицотакис.

Луѓето беа приморани да ги напуштаат своите домови во Грција, бидејќи огнената стихија се доближи до селата и туристички места. Од еден камп евакуирани биле над 1200 деца.

Целиот Балканскиот полуостров е погоден од топлотниот бран, а властите во сите држави издадоа предупредувања и препораки за граѓаните. Владата на Северна Македонија воведе вонредни мерки во следните седум дена. Ранливите категории – вклучително и бремените жени и лицата постари од 60 години – да бидат ослободени од патување на работа. Властите исто така ги повикуваат луѓето кои работат на отворено да го завршат денот до 11 часот. Пристапот до националните паркови е исто така ограничен – додека шумските области се целосно затворени поради страв од шумски пожари.

Фото: FreePik

Властите во Србија ја ставија целата земја на највисоко ниво на тревога поради горештините. Во Белград, лекарка од итната медицинска помош изјави дека таа и нејзините колеги „извршиле 45 интервенции“ до 10 часот утрото во понеделникот.

Хрватска веќе доживеа неколку пожари за кои беше потребна интервенција на противпожарните авиони. Портокаловата тревога важи за поголемиот дел од земјата – со црвена тревога за Сплит во вторник. Температурите таму се очекува да надминат 40 степени Целзиусови. Топлотниот бран треба да трае до среда, според хрватските метеоролози.

Водечката британска научничка, д-р Фредерике Ото, од Империал колеџ во Лондон, изјави за Би-Би-Си дека „она што го гледаме во моментот е токму она што го очекуваме во свет каде што сè уште гориме фосилни горива“.

Луѓето се „100% виновни за“ трендот на пораст на глобалните температури, објаснува таа.

Светот веќе се загреа за 1,1 степени Целзиусови од Индустриската револуција кога луѓето почнаа да согоруваат фосилни горива како јаглен, нафта и гас, што ослободува јаглерод диоксид во атмосферата. Д-р Ото вели дека немаме идеја како ќе изгледа новата нормала бидејќи се уште „не сме во стабилна клима“.

Ќе дознаеме како изгледа новата клима само кога светот ќе престане да гори фосилни горива и ќе се префрли на зелена енергија, сугерира таа.

Освен во Европа високи температури и опасност од пожари има и во останатите делови од светот. Во САД повеќе од 104 милиони луѓе се во опасност од топлотен бран. Во јужните делови на САД се забележуваат рекордни температури, но и лош квалитет на воздухот. Во Лас Вегас биле измерени 46,6 степени во неделата, додека во Феникс највисоката измерена температура во неделата беше 46,1 степен. Според метеоролозите во САД, во текот на оваа седмица температурите се очекува и да надминат 47 степени Целзиусови.

Канада, уште од порано беше погодена од шумски пожари и продолжува да се бори со нив. Во моментов во Канада има над 880 активни шумски пожари, од кои над 580 се смета дека се вон-контрола. Според експертите, сушата и високите температури се главната причина за брзото ширење на пожарите. Оваа година поради шумските пожари во Канада зафатија над 9 милиони хектари површина, што е најмногу во историјата, а повеќе од 155 илјади луѓе мораше да бидат евакуирани.

Во неделата беше измерена највисоката температура некогаш во Кина, 52,2 степени во градот Ксинџијанг, иако оваа температура е непотврдена, според Би-Би-Си. Властите во Јапонија објавија предупредувања за топлотен бран откако температурите во Токио се доближија до 40 степени Целзиусови. Според нивната метеоролошка агенција температурниот рекорд, 41,1 степен измерен во 2018 година веројатно ќе биде срушен ова лето.

Најново

Последни колумни