Слабеењето на океанските струи во Атлантикот предизвика каскаден ефект и резултирал со драстично заладување на северните мориња околу Гренланд, Исланд и Норвешка, додека во исто време околните океани се затоплувале.
Со актуелните климатски промени и зголемувањето на температурите, најновата научна студија заклучи дека човештвото е на истиот пат.
„Нашата студија е навистина алармантна со оглед на сценариото кон кое се движиме“, изјави за порталот Live Science водачот на студијата Мухамед Езат, професор и палеокеанограф на Арктичкиот универзитет во Норвешка.
Последниот меѓуглацијален период, помеѓу двете претходни ледени доба, беше релативно топла фаза во историјата на Земјата која се карактеризира со високи температури, високо ниво на морињата и помалку мраз отколку што гледаме денес.
Климатолозите велат дека последниот меѓуглацијален период дава добар пример за нашата блиска иднина доколку човештвото не ги намали глобалните емисии на стакленички гасови.
„Временскиот период што го истражувавме е интересен бидејќи може да ја претставува нашата иднина. Откривме дека пред околу 128.000 години, зголеменото топење на мразот на Арктикот имаше значително влијание врз прекинот на циркулацијата на северните мориња“, истакнува Езат.
Нордиската морска струја игра клучна улога во поширокиот атлански меридијален циркулациски систем, кој исто така ја вклучува и Голфската струја.
Атлантската меридијална циркулација е одговорна за затоплување на северната хемисфера и функционира како џиновска подвижна лента која носи топла вода од јужната хемисфера на нејзината површина кон север, каде што се лади и паѓа на дното на Северниот Атлантик и потоа повторно патува на југ.
Топењето на мразот на Северниот пол може значително да влијае на тоа бидејќи слатката вода се влева во Северниот Атлантик и ја разредува површинската вода, спречувајќи ја да потоне и повторно да ја формира длабоката струја што се враќа на југ.
Истражувањата веќе покажаа дека меридијалната циркулација на Атлантикот веќе се забавува поради глобалното затоплување, а научниците стравуваат дека целиот систем би можел да запре во наредните децении и да предизвика драстично заладување на северната хемисфера и катастрофални промени во метеоролошките услови.
Климатските модели покажуваат дека колапсот би можел да се случи пред 2100 година, но има многу неизвесности во таквите предвидувања, а можно е и многу полошо сценарио да се случи многу порано.
„Проучувањето на далечното минато на климатската историја на Земјата, кога беше потопло од денес, може да ги намали тие несигурности“, вели Езат.
За новата студија, Езат и неговите колеги анализирале нови и постоечки податоци собрани од седименти во Норвешкото Море. Тие ги споредија со седименти од Северниот Атлантик за да ја реконструираат дистрибуцијата на морскиот мраз, температурата на површината на морето, соленоста и длабоките струи за време на последниот меѓуглацијален период.
Резултатите, објавени во списанието Nature Communications, покажуваат дека водата од топењето на мразот на Арктикот го блокирала формирањето на длабоки океански струи во Норвешкото Море за време на последниот меѓуглацијален период. Ова значително го забавило движењето на меридијалната циркулација на Атлантикот и го забавило „моторот“ кој носи топлина на северната хемисфера.
Студијата покажува што би можело да се случи со меридијалната циркулација на Атлантикот во блиска иднина.
Сателитските набљудувања покажуваат драстично повлекување на мразот од Арктичкиот Океан во последните четири децении, а научниците предвидуваат дека летата целосно без мраз ќе започнат до средината на векот. Тоа ќе има сериозни последици за протокот на Атлантскиот Океан.
„Ова е уште еден потсетник дека климата на нашата планета е во деликатна рамнотежа и дека итно треба да преземеме чекори за одржување на рамнотежата. Знаеме дека е веројатно сериозно слабеење на меридијалната циркулација на Атлантикот, а доколку се случи, тоа ќе има сериозни импликации не само за северната хемисфера, туку и за светот“, истакнува Езат.