Основачот на италијанската модна куќа Џорџо Армани остави јасни упатства во својот тестамент за иднината на модната империја – делумна продажба на удел до конкуренти или излез на берза (IPO) во следните неколку години.
Откако во текот на својот живот одбиваше понуди за продажба, починатиот дизајнер наложил неговите наследници да продадат 15% малцински удел во компанијата во рок од 18 месеци. Според тестаментот објавен од италијанскиот весник La Repubblica, уделот треба да се продаде на францускиот конгломерат LVMH, на гигантот за очила Essilor-Luxottica, на козметичката компанија L’Oréal или друга компанија со сличен ранг.
Потоа, во период од три до пет години по смртта на Армани, дополнителен удел од 30% до 54,9% треба да биде продаден на истиот купувач. Ако ова не успее, компанијата треба да се подготви за јавна понуда на акции.
Контролата на 40% од компанијата ѝ е доверена на долгогодишниот соработник и шеф на машката линија, Панталео Дел’Орко, додека по 15% имаат неговата сестра Силвана Армани, шефица на женската колекција, и братучедот Андреа Камерана. Фондацијата Армани, формирана во 2016 година, поседува останати 30%.
Компанијата минатата година оствари промет од 2,3 милијарди евра, со над 10.000 вработени и стотици продавници во 60 земји. Џорџо Армани почина на 4 септември на 91 година, оставајќи богатство проценето на 11 до 13 милијарди евра.
Тестаментот исто така ги опфаќа неговите недвижности, јахти, уметнички дела и удели во мултинационални компании. Армани немал директни наследници.
Армани поседувал и 2,5% удел во EssilorLuxottica, вреден околу 2,5 милијарди евра. Од овие акции, 40% ги добил Дел’Орко, а 60% семејството.
Компанијата EssilorLuxottica изјави дека ќе разгледа можна соработка, поради блиските врски со Армани.
Во однос на недвижностите, 75% од L’Immobiliare Srl – компанијата која ги поседува вилите на Армани во Сен Тропе, Антигва, Брони и Пантерелија – ги наследиле сестра му Росана, братучедот Андреа и сестра му Силвана.
Панталео Дел’Орко има право да го користи Арманиевиот дом во Милано за време на својот живот, а дел од уметничките дела остануваат на своите места.
Армани во својот тестамент истакнал дека компанијата треба да биде управувана „етички, со морална интегритет и фер“, како и да се задржи стилот кој е „есенцијален, модерен, елегантен и ненаметлив“.