15 национални топлотни рекорди се соборени од почетокот на оваа година, а температурните екстреми стануваат се почесто и климатските промени се позабележливи, пишува Гардијан.
Дополнителни 130 месечни национални температурни рекорди се соборени, со уште десетици илјади локални највисоки температури регистрирани на метеоролошките станици од Арктикот до јужниот Пацифик, според Максимилиано Херера, историчар за климата, кој чува архива на екстремни временски услови.
Тој вели дека бројот на рекорди кои се соборени во првите шест месеци од оваа година е неверојатно.
„Бројот на екстремни топлотни настани е повеќе од било што што сме виделе или сметале дека е возможно досега. Од февруари 2024 до јули 2024 имавме соборување на рекорди во речиси секоја статистика“ вели тој.
Ова е алармантно бидејќи жештините минатата година можеа да бидат препишани на комбинација од глобално затоплување поттикнато од човекот со горењето на фосилни гориви и природниот феномен Ел Нињо, кој предизвикува загревање на Тихиот Океан и се поврзува со повисоки температури во многу места низ светот. Но, Ел Нињо започна да слабее од февруари оваа година, а температурите не се намалија.
„Температурите не се намалија со крајот на Ел Нињо, рекордите паѓаат со уште побрзо темпо сега во споредба со крајот на 2023 година“ вели Херера.
Како што објавуваат експретите, на илјадници метеоролошки станоци низ светот се поставуваат нови месечни максимуми или минимуми. Второто е особено опасно, бидејќи високите ноќни температури значи дека луѓето и екосистемот немаат време да се опорават од огромните горештини.
Во јули во регионот Јуејанг во Кина забележани се минимални температури од 32 степени во текот на ноќта, со опасно високо ниво на влажност на воздухот.
Географскиот опсег на рекордите е исто така запрепастувачки. Мексико го постигна својот врв од 52 Целзиусови степени во Тепаче на 20 јуни. На другата страна на светот, австралиската територија на островите Кокос го израмни својот историски максимум со 32,8 степени Целзиусови на 7 април по трет пат оваа година.
Но, најжестоката топлина е концентрирана на тропските предели. На 7-ми јуни, Египет забележа национален максимум од 50,9 степени Целзиусови во Асван. Два дена пред тоа Чад го постигна својот национален рекорд од 48 степени Целзиусови на Фаја. На 1 мај, Гана достигна нов врв од 44,6 Целзиусови степени во Навронг, додека Лаос влезе во нова топлинска територија со 43,7 степени Целзиусови во Та Нгон. Херера вели дека тропските предели поставувале рекорди секој ден 15 месеци по ред.
Херера, Костариканец кој ги следи климатските записи веќе 35 години, пополнува важна празнина во следењето на глобалната температура. Од 2007 година, меѓународните записи се архивирани од страна на Светската метеоролошка организација (СМО), која организира експертски панели за да се испитуваат записите, во процес кој одзема многу време. Во меѓувреме, националните и поднационалните записи се ажурираат на секој час или дневно од плејада различни организации. Херера брзо ги обединува вторите, ги проверува двапати со локални извори и одржува ажурирања.
Неговите наоди се во согласност со, а често и пред, големите институции, од кои сите предупредуваат за брзо загреан свет.
„Сирените се вклучени за сите поважни индикатори. Некои рекорди излегуваат од границите на нормалното, а промените се забрзуваат“ изјави генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.
Агенцијата за мониторинг на климата на ЕУ, Коперникус извести дека јуни бил 13. месец по ред како се руши месечниот температурен рекорд, со температури 1,5 степен над просекот од прединдустрискиот период, носејќи повеќе топлотни бранови, екстремни дождови и суши, намалување на ледените обвивки, глечерите, како и забрзан раст на нивото на морињата и загревање на океаните.
Светската метеоролошка организација исто така извести дека во најмалку 10 земји биле забележани температури над 50 степени оваа година.
На несаканите рекорди не им се гледа крај, според Карло Буонтемпо, директорот на Коперникус: „Дури и ако оваа специфична низа на крајности заврши во одреден момент, ние сигурно ќе видиме нови рекорди како се уриваат додека климата продолжува да се загрева. Ова е неизбежно доколку не престанеме да додаваме стакленички гасови во атмосферата и океаните“.
Надежите за ладење досега се покажаа неостварливи. Прелиминарните податоци од сателитот Коперникус ЕРА5 сугерираат дека 22 јули бил најтоплиот ден во забележаната историја на Земјата, со просечна глобална температура на површинскиот воздух од 17,15 Целзиусови степени.
Херера вели дека се надева оти екстремните временски предупредувања би можеле да го подготват светот за она што доаѓа и да ги намалат заканите по животите, инфраструктурата и економиите. „За време на екстремни временски услови ние луѓето и другите видови сме под стрес или изложени на ризик, па тогаш сме и потенцијално поранливи“, рече тој.
Националните и територијалните временски рекорди кои беа срушени или изедначени оваа година
На 28 февруари, островите Кокос ја постигнаа својата највисока температура на сите времиња со 32,8 степени Целзиусови. Температура постигната и на 29 февруари и 7 април.
6 март Костарика го собори својот национален рекорд со 41 C на Серо Хуакалито. Рекордот беше повторно соборен со 41,5 степени Целзиусови на 23 март на истата локација.
12 март Коморските острови го соборија својот национален рекорд со 36,2 степени Целзиусови на аеродромот Хахаја.
13 март Конго го собори својот национален рекорд со 39,6 степени Целзиусови на Имфондо.
24 март Малдиви го соборија својот национален рекорд со 35,1 Целзиусови степени на Ханимаду. Повторно го изедначи на 11 април.
31 март Того го собори својот национален рекорд со 44 C на Манго.
3 април Мали го собори својот национален рекорд со 48,5 степени Целзиусови на Кајес.
10 април Белизе го собори својот национален рекорд со 42,3 степени Целзиусови на Бартон Крик. Оваа температура подоцна беше постигната и на 17 мај во Чаа Крик.
24 април Чад го постигна својот национален рекорд со 48 степени Целзиусови на Фаја. Ова беше повторно изедначено на 5 јуни.
27 април Камбоџа го собори својот национален рекорд со 42,8 степени Целзиусови на Преа Вихар и Свеј Леу.
1 мај Гана го собори својот национален рекорд со 44,6 степени Целзиусови на Навронго.
1 мај Лаос го собори својот национален рекорд со 43,7 Целзиусови степени на Та Нгон.
На 29 мај Палау го постигна својот национален рекорд со 35 степени Целзиусови на меѓународниот аеродром Бабелтуап. На 2 јуни го победи со 35,6 Целзиусови степени.
7 јуни Египет го собори својот национален рекорд со 50,9 Целзиусови степени на Асуан.
20 јуни Мексико го постигна својот национален рекорд со 52 степени Целзиусови на Тепаче
Извор: Гардијан