Наредната среда, на 13-ти ноември, клубот „Котур“ ќе биде домаќин на третото предавање од серијата „Клупската култура како политички мегдан,“ кое го организира Здружението за едукативен развој – Еквалис во рамките на проектот „Промоција на младински активизам и граѓанско учество.“ Настанот ќе започне во 18:00 часот, а водител на предавањето ќе биде познатата диџејка Соња Исмаил.
Предавањето има за цел да ги разгледа и анализира клупските простори како платформи за политичка трансформација и лична и колективна еманципација. Присутните ќе се обидат да ја истражат идејата дека клупската култура е многу повеќе од простор за забава – таа е чин на ослободување и простор за заедничарење. Според организаторите, клубовите и танцовите подиуми инхерентно создаваат чувство на заедништво, но ретко се користат целосно за потенцијалот кој го носат – суштинска политичка еманципација и отпор.
„Клубовите имаат уникатен капацитет да станат простори за критички дијалог и да овозможат форми на отпор кои можат да ги поддржат заедниците во борбата за промени,“ велат организаторите на настанот. Предавањето ќе отвори теми како начини за колективно менување, формите на отпор и можностите за политичко и културно дејствување во рамките на клубската култура.
Програма за активно граѓанство и младински активизам
Ова предавање е дел од Програмата за активно граѓанство, во рамките на проектот „Промоција на младински активизам и граѓанско учество,“ спроведуван од Еквалис и финансиски поддржан од National Endowment for Democracy. Целта на програмата е да го поттикне младинскиот активизам, политичкото учество и критичкото размислување кај младите, со фокус на влијанието на културата врз општествените процеси.
Сите заинтересирани учесници кои сакаат да бидат дел од ова уникатно предавање треба да ја пополнат апликацијата достапна преку линкот во описот на социјалните мрежи на Здружението Еквалис.