Спуштањето ќе чини околу 10 милиони долари, а идентитетот на милијардерот засега се чува во тајност. „Чув дека некој оди на ‘Титаник’ за неколку недели. Се работи за милијардер, и ќе плати 10 милиони долари. Дефинитивно би го препознале неговото име, но сака сам да ја објави веста дека е првата личност што се спуштила таму по трагедијата“, изјавил добро информиран извор за The Post.
Патрик Лејхи, извршен директор на компанијата Triton Submarines, вели дека олупината е од историско значење, но и дека фактот што се наоѓа на 3.800 метри длабочина ја прави уште пофасцинантна за истражување.
Подморница за ново истражување
Пред повеќе од една година, BBC објави дека американскиот милијардер и авантурист од Охајо, Лари Конор, заедно со Патрик Лејхи – коосновач на Triton Submarines – планираат спуштање до „Титаник“ со новата подморница Triton 4000/2 Abyssal Explorer.
Бројот 4000 го означува бројот на метри на кои ова пловило може безбедно да се спушти. Двајцата најавија дека ќе тргнат кон легендарната олупина дури откако подморницата ќе добие целосна сертификација од надлежните поморски организации.