Светскиот ден на астмата се одбележува секоја година на првиот вторник во мај, со цел да се подигне глобалната свест за оваа хронична болест, да се подобри грижата за пациентите и да се поттикнат здравствени политики што ќе овозможат поефикасна превенција и лекување. Оваа иницијатива потекнува од Global Initiative for Asthma (GINA), која од 1998 година организира активности за подигнување на јавната свест и едукација на луѓето за астмата како сериозен здравствен предизвик.

Астмата е хронична воспалителна болест на респираторниот систем, која предизвикува стеснување на дишните патишта и отежнато дишење. Симптомите се кашлање, чувство на стегање во градите и отежнато дишење, а интензитетот варира од лесни до тешки форми на болеста. Астмата може да се активира од различни тригер-фактори, како алергени, загадување, физички напор, ладен воздух, вирусни инфекции или силни мириси. Иако астмата не е заразна, таа има генетска компонента, што значи дека луѓето со фамилијарна историја на астма или алергии имаат поголем ризик да ја развијат.
Оваа болест најчесто се јавува кај деца, но може да погоди луѓе од сите возрасти. Според Светската здравствена организација, астмата зафаќа повеќе од 300 милиони луѓе ширум светот, а бројот на заболени постојано расте, особено во урбаните средини каде загадувањето е фактор на ризик. Годишно во просек од астма умираат 450.000 луѓе.
Во Европа, проценките покажуваат дека помеѓу 7-10% од населението страда од астма, но само мал дел од пациентите имаат целосна контрола врз симптомите.
Во Македонија, бројот на заболени се движи меѓу 80.000 и 100.000, а голем дел од нив се деца. Годишно се откриваат околу 4.000 нови случаи.
Истражувањата покажуваат дека околу 80% од пациентите развиваат астма во првите шест години од животот, а детската астма е една од водечките причини за посета на итна медицинска помош и хоспитализација.

Иако астмата не може целосно да се излекува, таа може успешно да се контролира со правилен третман и избегнување на тригер-факторите. Најчесто, терапијата вклучува инхалациски кортикостероиди, кои го намалуваат воспалението, бронходилататори, кои ги отвораат дишните патишта и олеснуваат дишењето, како и моноклонални антитела, кои значително го намалуваат бројот на егзацербации кај пациентите со тешка астма.
Светскиот ден на астмата е потсетник дека оваа болест, иако хронична, не мора да значи ограничување за заболените, доколку се третира правилно. Со соодветна грижа, медицинска поддршка и здрави животни навики, милиони луѓе низ светот можат да водат активен и квалитетен живот, без големи рестрикции. Јавната свест, подобриот пристап до терапија и намалувањето на загадувањето се клучни фактори во подобрувањето на условите за лицата со астма.