Светот се соочува со демографски колапс – Македонија со најниска стапка во поранешна Југославија

Историски ниски стапки на плодност загрозуваат десетици држави. Земји како Јужна Кореја, Полска и Литванија се соочуваат со драматичен пад на населението – што значи ова за иднината на човештвото?

Според најновите податоци, десетици држави влегле во зоната на „ултра-ниска плодност“, каде што жените во просек раѓаат помалку од 1,3 дете – ниво за кое експертите предупредуваат дека води кон исчезнување на населението. Низ целиот свет оваа година се бележат историски ниски стапки на наталитет.

Критична состојба во некои земји

Тоа го покажуваат бројни истражувања, меѓу кои и неодамна објавени податоци на X профилот Birth Gauge, кој редовно објавува статистики за бројот на раѓања и стапките на плодност (просечен број деца по жена) за различни земји. Профилот користи национални статистички извори и се смета за релевантен.

Ситуацијата е особено критична во Литванија, Полска, Костарика, Јужна Кореја, Сингапур… Стапката на плодност во тие земји се движи од 0,81 (Јужна Кореја) до 1,10 (Костарика). Во Полска изнесува 1,01, а во Литванија 1,02.

Кога плодноста паѓа на или под 1,0, научната литература зборува за демографска катастрофа – тоа значи дека бројот на население може да се преполови во само една генерација. Границата од 2,1 дете по жена се смета за неопходна за природно обновување на населението.

Источна Европа полоша од западната

Во европскиот контекст, најголем пад на раѓања се бележи во балтичките држави – Естонија, Латвија и Литванија – но и во Полска, Чешка и Словачка. Сите овие земји бележат двоцифрен пад во бројот на новородени во однос на минатата година.

Полска – економско чудо, но со пад на населението

Полска, иако се смета за едно од најголемите економски чуда во Европа, истовремено демографски пропаѓа. Стапката на плодност во 1990 година била 1,99, а 2024 година била 12-та по ред со повеќе починати отколку родени. Полскиот статистички завод предупредува дека подобрување ќе биде многу тешко.

Во Германија, Австрија и Швајцарија стапките се нешто под 1,3. Холандија и Белгија се држат околу 1,4. Медитеранските земји исто така загрижуваат: Италија – 1,11, Шпанија – 1,13, Грција – 1,19.

Македонија со најниска стапка во поранешна Југославија

Хрватска со стапка од 1,42 стои подобро од повеќето земји од Источна и Средна Европа, но и таа, како и сите поранешни југословенски држави, бележи ниска плодност и опаѓачки тренд.

Ниту една држава во регионот нема стапка блиска до 2,1 – дури и Косово, кое традиционално имало повисоки стапки на наталитет, сега е под нивото на обновување на населението.

Африка, Авганистан и Јемен немаат проблем со плодноста

Земјите со високи стапки се главно во Субсахарска Африка, каде што жените во просек раѓаат меѓу 4 и 6 деца. Водечки се Чад, Сомалија, ДР Конго, Нигер… Надвор од Африка, високи стапки имаат Авганистан и Јемен.

Јужна Кореја – земја што изумира

На глобално ниво, најмногу внимание привлекува Јужна Кореја. Медиумите сè почесто ја опишуваат како „земја што изумира“. Проекциите велат дека нејзиното население до 2070 година би можело да се намали од 52 на само 38 милиони.

Првиот пад на наталитет таму бил последица на државна политика за контрола на раѓања во втората половина на 20 век, но трендот продолжил и покрај економскиот развој.

Лоша состојба и во остатокот на Далечниот Исток

Кина минатата година имала стапка од 1,10, а Јапонија 1,13. За споредба, САД, иако со негативен тренд, имаат стапка од 1,58. Иран има само 1,51 – помалку од САД, што е изненадувачко.

Овие податоци покажуваат дека феноменот на ниска плодност, порано карактеристичен за развиени земји, сега се проширува и на оние што традиционално имале високи стапки на раѓање.

Какви се економските последици?

Фондот за население на ОН во јуни предупреди дека сè поголем број луѓе се откажуваат од создавање семејства поради трошоци за живот, војни и недостиг на соодветни партнери – не затоа што не сакаат деца.

Според McKinsey Global Institute, ако се продолжи со овој тренд, БДП по жител во Европа би можел да забави за 0,4% годишно до 2050 година, а во некои земји и до 0,8%, освен ако не дојде до значително зголемување на продуктивноста или на работното време.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни