Александар Герасимовски: „Кога сè се тресеше, чичко ми ме завитка во чаршаф и ме симна во дворот“ – Сведоштво за скопскиот земјотрес

На 26 јули 1963 година, во 5:17 часот наутро, тлото под Скопје се затресе, а градот се распадна пред очите на своите жители. Меѓу нив беше и Александар Герасимовски, денес член на Музичка младина на Македонија, кој за ТРН ја сподели својата потресна и жива слика од тој кобен ден.

Се сруши кровот, небото го видов одозгора“, раскажува тој. „Една бетонска топка се нишаше точно над мојата глава… Чичко ми влезе, нè завитка со братучед ми во чаршаф и истрча надвор додека се’ уште се тресеше.“

Герасимовски имал само осум години. Земјотресот го затекнал кај роднини, зад студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“. Од тој момент, животот му се дели на пред и по земјотресот.

Куќата во која што Александар го затекнал земјотресот е сега реновирана и одлично изгледа

Сликата на жената во ноќница со мртво бебе во рацете – тоа никогаш нема да го заборавам.
Тој опишува како народот потресен и без контрола се движел низ улиците, со очи полни прашина и страв. Нивната зграда на улица Орце Николов број 42 била тешко оштетена, но семејството имало среќа – веднаш добиле шатор во Градскиот парк.

Кампови под Кале

Во шатори живеевме до доцна есен. Спиевме во полски кревети, како сардини. А мене ми беше ќеиф, кај баба ми и тетка ми во бараката.“

Привременото училиштето било организирано под шатори во паркот. „Моето училиште, ‘Гоце Делчев’, беше срушено. Завршив во новото, сегашното ‘Ленин’. Се учеше номадски – но со жар.“
Но, покрај трагедијата, Александар не заборава и на убавите моменти.

Првите часови по земјотресот

Имаше една солидарност, една емпатија што денес ја нема.
Во паркот се организирале концерти. Универзалната сала се градеше, иако денес не функционира. „Се сеќавам, дојде Зубин Мехта – никој не знаеше кој е, но тоа беше почетокот на еден нов културен живот.“

Гест што останува засекогаш

„Му дадов едно чоколатце на советски војник и му реков ‘чичко чоколатце’. Тој ми рече ‘спасиба’. Пет минути подоцна ми донесе војнички ашов на склопување. За жал, пропадна во езерце во парк – но гестот остана засекогаш.“

Скопје денес – дали сме го заборавиле градот на солидарноста?

„Денес? Скопје е пренатрупано, урбан хаос. Се гради без душа, без план. Дебар Маало не го можам, од балконот на улиц Македонија гледам само згради. Јас сум поборник на модернизмот, на Танге. А тоа сега го нема.“

Старите маала ги снема. Близината, дружењето, маалските кафе муабети – сега се заменети со анонимност и бетон.

Градот на солидарност сега се сеќава на 26 јули со изложба и прошетка на оркестар. Тоа не е доволно. Скопје беше разрушен град кој светот го изгради одново. Треба да се сеќаваме со гордост и достоинство.“

Една порака за младите

Во големи несреќи луѓето се сплотуваат. Тоа не смее да го заборавиме. Секое време носи свое, но вредностите мора да ги чуваме.“

Александар Герасимовски останува сведок на едно време, еден град и една болка – но и една надеж, едно заедништво и една сила што само народ со срце може да ја изнесе.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни