Сузана Трајковска Кочанковска, ментор за стартапи:

Поттикнување на потенцијалите кај ранливите категории, а не само чекање на социјална помош или субвенции

Има многу интересни успешни приказни, во Прилеп, во градската чаршија горда сум на Елма Дервишовска која има единствен, оригинален бутик за муслиманска облека и модни додатоци. Во населба Тризла е и оригиналниот донер на Санела, која е повратник од Швајцарија и воодушевува со вкусовите кои ги подготвува и со нејзината посветеност. Во Битолско Ниже Поле е уникатното студио на Славе кој црта икони, слики и фрески по манастирите, потоа на Маја Илиевска, лице со попреченост од Македонска Каменица, која беше номинирана за бизнис иноватор на Ability award наградите, ракотворка која учествуваше на многу базари во 2024 со уникатни производи – ташни, модни додатоци, украси, плетени играчки.

Сузана Трајковска Кочанковска, е професор по претприемништво и манаџмент на мали и средни фирми и директор на Фондација Сизигија Скопје. Таа има долгогодишно искуство во менаџментот низ различни сектори, вклучувајќи социјални претпријатија, невладини организации, задруги, корпорации, бизнис инкубатори и акцелератори. Нејзината професионална кариера ја одразува длабоката посветеност кон поттикнување на растот и влијанието и во реалниот бизнис сектор и во проекти базирани на институции. Помеѓу другото Сузана работи на унапредување на мисијата за зајакнување на социјалните претпријатија, обезбедувајќи директна помош во развој на бизнис плановите и градење капацитети. Преку соработка со локални и финансиски институции, таа дизајнира приспособени финансиски инструменти кои им помагаат на социјалните претпријатија да успеат, создавајќи можности за вработување и поттикнувајќи одржлив раст. Сузана работи и како ментор за бизниси за стартапи осовани од ранливи категории во рамките на оперативниот план за програми за вработување реализиран со УНДП и Агенцијата за зработивање, што беше и повод за нашиот разговор. Изминатава година Сузана како ментор им помогна на многу млади луѓе од ранливите категории како Роми и лица со пореченост за да започнат свој сопствен бизнис и да го остварат својот сон.

Трн: Кои се најголеми предизвици во вашата работа како социјален ментор?

Сузана: Во нашето опкружување терминологијата за социјален ментор има различни толкувања,  пред се како професионалец кој помага на лица кои се соочуваат со различни предизвици во животот како сиромаштија, дискриминација, безработица или други форми на социјална исклученост и тоа како партнерство во кое менторот и менторираното лице работат заедно со цел да се овозможи личниот развој и постигнување на поставените цели.

Во контекст на организација, социјалниот бизнис ментор е искусен експерт кој помага на индивидуи или организации (најчесто невладини организации или други правни форми) да создадат и развијат одржливи бизниси со социјална мисија. За разлика од традиционалните бизнис ментори, социјалните бизнис ментори се фокусираат на создавање бизниси кои не само што остваруваат профит, туку и решаваат конкретни социјални проблеми.

Имам долгогодишно искуство во ментроството и во претходно наведените две категории, во контекстот на ова интервју мојата улога е ментор за стартапи формирани од ранливи категории со поддршка на Агенцијата за вработување во партнерство со УНДП програмата. Ние сме експерти со соодветно искуство кои обезбедуваат стручна поддршка и насоки на претприемачи од маргинализирани заедници, помагајќи им да ги претворат своите бизнис идеи во успешни компании и да постигнат одржливост и раст. Во овие случаи не само што споделуваме знаења и вештини, туку ние комплетно се адаптираме на околината во која работат лицата, на нивните предизпозиции, и чекор по чекор ги оспособуваме да се вклучат на пазарот како и сите останати компании. Како ментор, на самиот почеток предизвик е да се обезбеди доверба и стабилност во односите со луѓето, а задачата е не само да им помогнете со практични решенија, туку и да ги мотивирате да веруваат дека е можно да ја подобрат својата ситуација. Во овој дел покрај УНДП, вклучени се и локални невладини организации кои секодневно работата со нив. Нивото на образование е предизвик во делот на разбирање на правната регулатива и обврските поврзани во менаџирањето на правен субјект. Ограничениот пристап до банкарски кредити или претходна презадолженост како физички лица или други форми на финансирање, кои го отежнуваат растот на бизнисот. И преминот од неформално работење во формализаирање на бизнисот, или почнување на нов бизнис бара соодветен пристап на креирање на нови навики за следење на законската регулатива, соодветна комуникација со соработници – книговодители, добавувачи, клиенти.

Трн: Кои се најчестите бариери што ги среќавате во вашата работа и како ги надминувате?

Сузана: Најчестите бариери се недостатокот на образование, предрасудите кон ранливите категории, финансиските ограничувања, емотивни семејни проблеми, секој има приказна за себе и околината има големо влијание на личноста и на работата која ја работат.

Повеќе би се фокусирала на пристапот за надминување на предизвиците, преку работа поединечно со секој претприемач, со креирање на емпатиско опкружување каде луѓето се чувствуваат слободни да споделат свои мисли и чувства, да ги споделат нивните искуства, потребите и перспективите. Им потврдувам дека имам разбирање за тешкотиите со кои се соочуваат и со разглобување на проблемот се обидуваме да дојдеме до тоа да се најде соодветно решение.

Трн: Како пристапувате кога работите со луѓе кои доаѓаат од социјално или економски ранливи средини, особено со Ромите кои се меѓу најосетливите категории?

Сузана: Дел од ранливите категории и Ромите се занимавале со традиционални занаети и трговија. Ова наследство е основа за развој на нови бизниси. Пример ромската заедница во Прилеп има силни семејни врски кои се од голема помош во почетните фази на бизнис.

Ние како ментори имаме индивидуален пристап и прирачник за менторирање кој содржи соодветни алатки кои се лесно разбирливи за бизнисот. Пред се во делот квантифицирање на поставените цели или народно кажано како да си поставуваат цели во бројки, како да ги анализираат остварените бројки и промет за да преземат соодветна акција. Понатаму според сезоналитетот на бизнисот кога да ја преземат, каде да најдат соодветни ресурси, како да промовираат, преговараат… Заедно поставените достижни цели ги мотивираат и им даваат чувство на одговорност. Менторот ги охрабрува да донесат одлуки кои се базираат на факти и можности.

Трн: Гледате ли промени во општеството низ годините кога е во прашање интеграцијата на Ромите, па и останатите ранливи категории граѓани?

Сузана: Со ранливите катерории вклучително и Ромите работам подолго време и се забележуваат одредени позитивни промени во однос на интеграцијата на Ромите и другите ранливи категории граѓани. Овие промени се комбиниран ефект на домашните и меѓународните напори. Јавноста ги препознава проблемите пред се на медиумските кампањи, активностите на невладините организации и образованието.

Во нашиот домен се спроведуваат различни мерки за поттикнување на вработувањето на ранливите категории и Ромите, како што се субвенции за бизнис идеи и обуки за преквалификации, практиканство.

Едно од можните решенија во кое дирекно сум инволвирана е Законот за социјално претриемништво кој ќе даде добар старт на ранливите категории со иницијален капитал, адекватни субвенции на плати, субвенцинирани обуки и во исто време правниот субјект има социјална мисија која решава опшествен проблем но остварениот профит го реинвестира во социјалното претпријатије.

Трн: Како ги мотиварате луѓето да направат позитивни промени во своите животи?

Сузана: Имам привилегијата да бидам сведок и да учествувам во растот и трансформацијата на бројни индивидуи, стартапи и социјални претпријатија. Мојата страст е да ги споделам своите знаења и искуства со нив, да ги опремам со алатките потребни за да создадат одржливи бизниси. Токму посветеноста, енергијата во комбинација со стручноста и искуството се мојот рецепт за мотивација на моите клиенти. Формулата која најчесто ја применувам е: Вашиот успех е и мој успех затоа со зеднички сили можеме да го достигнеме.

На самиот почеток им давам можност да ја визиелизираат својата замисла (според реалните услови и ресурси со кои се располага) и заедно со нив го чекориме патот до реализацијата. Да се биде достапен, флексибилен, да провоцираш идеи и иновативност, се дел од сетот на алатки кои ги користам. Да бидам искрена доколку ја поттикнете личноста ќе се изненадите колку е креативна, колку знае да препознае и да се адаптира на своите потреби. Кога менторот е фокусиран тој станува рефлексија-огледало за менторираниот, така сликовито може да ви ја претставам мотивацијата. Обезбедувањето на конструктивен фидбек, со кој менторираниот ќе ја согледа промената и ќе го мотивира да продожи да се подобрува.

Не постои универзален систем за сите, секој е личност за себе, бизнис со сопствен идентитет и се зависи од аспирациите на менторираното лице. Им давам примери од успешни приказни во нивната околина, градот, да препознаат кои карактеристики ги имаат овие бизниси и дали нивниот бизнис може да го има тој раст.

Трн: Како е да се работи со лица кои имаат потреба од помош и какво е чувството кога ќе видите дека сте успеале да смените нечиј живот?

Сузана: Пристапот е емпатичен, со почитување на традициите и културата. Ги слушам нивните приказни за потоа, заеднички ги дефинираме малите чекори кои можат да ги преземат за да направат позитивни промени. Кај ранливите категории, посебно е важно да се вклучат и семејствата, бидејќи тие често функционираат како заедница. Ова може да звучи како клише дека работата е синергија од емоции – од фрустрација кога ќе наидете на отпор, до неизмерна радост кога ќе видите дека некој успеал благодарение на вашата поддршка. Кога ќе ви се јави некој и ќе каже дека конечно успеал или да ја подобри својата состојба, тоа чувство е гордост, пример за другите, двигател за идни проекти.

Трн: Како управувате со поставување на граници во односите со клиентите, особено кога станува збор за личните или емоционалните аспекти на вашата работа? Можни ли е граници воопшто?

Сузана: Да, границите се многу важни, иако понекогаш е тешко да ги одржите. Јас секогаш јасно им објаснувам што можам и што не можам да направам за нив. Искрено им давам до знаење дека тие самите се одговорни за својот успех.

Трн: Како се развива социјалното менторство кај нас и колку е значајно за овие категории  на луѓе со кои работите?

Сузана: Социјалното менторство се развива, би рекла органски, пред се преку проекти, но импактот кој се постигнува со истото е голем. Важноста на менторството се гледа преку промените на личноста, навиките, се стекнуваат нови вештини, се развиваат бизнисите и сето тоа се рефлектира на пошироката заедница. Постигнатиот успех не е само индивидуален, успешните прикани се мотивирачки, поттикнувањето на потенцијалите кај ранливите категории водат во одржливо растење, а не само чекање на социјална помош или субвенции. Младите од овие категории бараат нормални стандарди за живот и работа и тие се двигатели на промените. Токму работата со нив ќе отвори нова димензија на препознавање на резултатите од менторството и од неговата примена во работењето.

Трн: Што го прави менторството ефективно? Можете ли да ни раскажете некои успешни приказни на кои сте горди и кои ве прават среќна?

Сузана: Ефективното менторство е динамичен процес на соработка, во кој ментор и менториран заедно градат мост од потенцијал кон споделување на знаење, искуство и поддршка, секогаш прилагодувајќи се на уникатните потреби и цели на секој поединец. Во суштината ефективното менторство е искрено учење, раст и трансформација. Секое менторство е уникатно и се прилагодува на потребите на секој поединец, процес на постојано учење и развивање.

Однапред да кажам дека им се заблагодарувам на сите клиенти за укажаната доверба кон мене како ментор, има многу интересни успешни приказни, во моментов можам да ги споменам менторирањата од оваа година и тоа на Маја Илиевска, лице со попреченост со нејзината „М-Уникат“ од Македонска Каменица, која беше номинирана за бизнис иноватор на Ability award наградите, ракотворка која учествуваше на многу базари во 2024 со уникатни производи – ташни, модни додатоци, украси, плетени играчки.

Во Прилеп, во градската чаршија горда сум на Елма Дервишовска која има единствен, оригинален бутик за муслиманска облека како и модни додатоци.  Во населба Тризла е и оригиналниот донер на Санела, која е повратник од Швајцарија и воодушевува со вкусовите кои ги подготвува и со нејзината посветеност. Во Битолско Ниже Поле е уникатното студио на Славе кој црта икони, слики и фрески по манастирите… Секоја година се воодушевувам на новите бизниси со кои го започнуваме менторството и заедно растеме.

Трн: Која е најважната работа што сте ја научиле во текот на вашата работа со луѓето со кои работите?

Сузана: Научив дека секој човек, без разлика на околностите, има капацитет за промена и успех, само му треба вистинска поддршка и мотивација. Менторството е партнерство кое се темели на доверба, почит и взаемна поддршка, се учи од искуствата на другите, да се креира нова перспектива за конкретниот бизнис. Тоа е како да имаш пријател и советник во едно лице, некој кој верува во тебе и те поттикнува да бидеш најдобра верзија на себе си. Од животот и работата постојано учиме.

.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни