Денес, како млад човек, а воедно и артист или уметник, нема многу места на кои што можете да настапувате, да ја направите својата промоција на книга, уметничко дело или пак песна. Градот стана место со недоволен број на културни центри и простори каде што младите можат да си го поминат своето време и да се дружат. Токму поради овие причини Скопје го доби првиот Студентски културен центар (СКЦ), простор каде што младите ќе можат да се изразуваат, творат, дружат и учат.
Замислата за СКЦ е да биде еден нов простор каде секој млад човек, конкретно студентите како подгрупа на младите луѓе, ќе имаат простор во часовите од 10 до 22 да дојдат, да учат, да другаруваат и главната цел е да се врати младинскиот активизам кој што пред короната беше во поголеми размери. Со самата корона и сите карантини се изгуби дружбата и вмрежувањето на студентите и младите луѓе, но Славчо верува дека СКЦ може да биде новото младинско место, и да застане рамо до рамо со уште неколку вакви места кои активно се отвараат во нашето опкружување, се со цел да се врати студентскиот и младинскиот активизам.
Во текот на следниот период, како што пренесува Славчо Темелковски, претседател на Универзитетското студентско собрание, центарот има договорено неколку настани, изложби и настапи на млади артисти. Тие при самото отварање на центарот, уште првиот ден дале простор за настап на бенд кој што немал каде да настапува на друго место, и студентите при ФЛУ (Факултет за ликовна уметност) веќе имаат одржано изложба во културниот центар. Од друга страна, студенти од ФДУ (Факултет за драмски уметности) можат и веќе ги користат просториите за проби и вежби. Во моментот, според Славчо, центарот е ставен на тест период се со цел да се види дали тој самиот би профукнционирал дококу нема никакви активности (организирани од самиот центар). Првата недела немало толкава фрекфенција на млади, но веќе втората недела од отварањето на центарот студентите почнале да доаѓаат, при тоа без никаков маркетинг од страна на тимот на СКЦ. До сега имаат организирано Doodle Art со помош на Red Bull кој исто така им помага и во промоција на ценатарот, ја организирале првата забава и панел дискусии на тема урбаниот хаос во општеството.
Просторот е отворен за сите студенти од сите универзитети, со тоа што студентите и факултетските собранија што се под УКИМ имаат приоритет при организација на настаните во СКЦ. Просторот можат да го користат сите студенти за своите потреби, одржување состаноци и пред се за учење.
Инспирирани од скорешниот настан, центарот дошол до идеја секој викенд да се организираат турнири во шах, натпревари во сложување Рубикова коцка, играње брза географија и Јамб.
Славчо исто така потенцираше дека сите артисти, бендови, уметници и они кои што творат немаат адекватно место каде што можат да ги претстават своите дела. Тој го напомена Младинскиот културен центар (МКЦ) како единствено место каде што можат младите да се изразат.
Прашањето кое што Славчо често го поставува е “Ако си млад уметник и студент на ФЛУ, што можеш да правиш полсе факултет”? Знаеме дека уметниците во светот, генерално ќе насликаат некое дело и потоа го продаваат за високи суми. Тој смета дека културата во Македонија не е насочена во таа насока, а од друга страна и пазарот е многу мал и поради тоа треба да се даде простор и да се развие тој сегмент од општеството.
СКЦ се уште нема остварено соработка со други културни центри, поради краткото време на нивното постоење, но се поканети на конференција во Бугарија која што е организирана од страна на студенти. Ценатарот се движи во насока и се стреми кон остварување меѓународна соработка со други културни центри.