Инсталацијата „Страв од љубов“ на Клелија Живковиќ во Францускиот институт во Скопје

Уметничката средба ќе се одржи на 23 септември во 19 часот и ќе вклучи разговор со авторката и кураторката Мелоди Робин.

Францускиот институт во Скопје кани на инсталацијата и уметничка средба „Страв од љубов“, која ќе се одржи во вторник, 23 септември 2025 година, со почеток во 19:00 часот.

Автор на делото е трансдисциплинарната уметница Клелија Живковиќ, а кураторка е Мелоди Робин. Настанот ќе биде проследен со разговор меѓу уметницата, кураторката и публиката, со фокус на креативниот процес и значењето на делото.

Инсталацијата ја истражува потребата од простор за контакт со околината и бариерите – лични, психолошки, емотивни и духовни – што секој поединец ги среќава во процесот на самоспознавање.

„Страв од љубов“ се темели на три елемента: звук, ткаење и физичко присуство. Таа симболизира папочна врвца, како метафора за нашите врски со минатите генерации и со луѓето околу нас денес. „Папочната врвца ја повикува публиката да ја допре, да влезе во неа, да биде заробена во јазлите од нежност, насилство и препуштање“, објаснува кураторката Робин.

Исплетените врвци ја носат тежината на историската улога на жените како ткајачки на животот. Преку оваа работа, Живковиќ поставува прашања: каков свет градиме околу себе и што се случува кога ќе и дозволиме на љубовта да се појави без страв?

Со овој настан, Францускиот институт ја отвора новата културна сезона, продолжувајќи ја својата посветеност кон домашната уметничка сцена преку изложби и средби со современи автори.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни