Стигнуваат построги европски правила за возачките дозволи: Еве што сè се менува

ЕУ воведува дигитални возачки дозволи, пробен период од 2 години за нови возачи и построги правила за прекршоци. Намалена старосна граница за камиони и автобуси, задолжителни лекарски прегледи и нови рокови за обновување дозволи.

Европскиот парламент во вторник ќе ги потврди новите правила за возачките дозволи, кои веќе се одобрени од Советот на Европската унија. Промените носат значајни новини за новите возачи, но и модернизација на системот преку воведување дигитална возачка дозвола, достапна преку паметни телефони.

Поголем фокус на безбедноста и технологијата

Според новите правила, кандидатите за возачи ќе мора, при полагањето на теоретскиот и практичниот испит, да покажат дека ги познаваат ризиците за ранливите учесници во сообраќајот – пешаците, велосипедистите и возачите на електрични тротинети.

Покрај тоа, идните возачи ќе мора да покажат способност за безбедно користење мобилен телефон додека возат, разбирање на системите за асистенција во возење (ADAS) во модерните возила правилно отворање на врати на автомобилот, возење во снежни и лизгави услови и препознавање на “мртов агол” и свесност за неговите опасности

Дигиталната возачка дозвола станува стандард во ЕУ

Една од најголемите новини е воведувањето на дигитална возачка дозвола, која ќе може да се чува и прикажува на паметен телефон. Оваа дозвола ќе стане стандард низ целата Европска Унија, а земјите членки ќе имаат рок од пет и пол години за нејзина имплементација.

Сепак, граѓаните ќе имаат право да побараат и физичка (пластична) верзија од дозволата, ако така сакаат.

Пробен период и построги правила за нови возачи

За првпат се воведува пробен период од најмалку две години за сите нови возачи. Во текот на овој период ќе важат построги правила и казни за прекршоци како возење под дејство на алкохол, некористење сигурносен појас и непочитување на правилата за безбедност на деца во возило

Намалување на старосната граница за професионални возачи

Поради недостиг од професионални возачи, се воведуваат олеснувања- возачка дозвола за камиони ќе може да се добие од 18 години (претходно 21), а за автобуси од 21 година (претходно 24), со услов кандидатите да поседуваат соодветна професионална обука и сертификат за компетентност.

Рок на важност и обновување на дозволи

Возачките дозволи за автомобили и мотори ќе важат 15 години,
но државите ќе можат да го скратат рокот на 10 години, ако возачката служи и како лична идентификација. Дозволите за камиони и автобуси ќе треба да се обновуваат на секои 5 години, со можност државите да пропишат почести обновувања за лица постари од 65 години.

Медицински преглед пред добивање дозвола

Пред да се издаде првата возачка дозвола, кандидатите ќе мора да поминат лекарски преглед, кој вклучува проверка на видот и кардиоваскуларното здравје

Во некои земји, алтернатива на лекарскиот преглед може да биде самопроценка на здравствената состојба, во согласност со националните прописи.

Крајни рокови и стапување во сила

Договорениот текст на директивата ќе стапи на сила 20 дена по објавувањето во Службениот весник на ЕУ,
а земјите членки ќе имаат 4 години да ги прилагодат националните закони.

Новите правила се дел од поширок план на Европската унија за подобрување на безбедноста во сообраќајот и модернизација и дигитализација на административните процеси поврзани со возачките дозволи

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни