Францускиот моден гигант Kering SA, сопственик на брендовите Gucci, Bottega Veneta и Balenciaga, се согласи да го продаде својот сектор за козметика и убавина на L’Oréal SA, во зделка вредна 4,7 милијарди долари (околу 4 милијарди евра). Договорот е дел од долгорочно стратешко партнерство помеѓу двете компании.
Компаниите најавија дека ќе соработуваат во создавањето, развојот и дистрибуцијата на парфеми и козметички производи за споменатите луксузни брендови на Kering.
Со ова, Kering се откажува од претходниот план да изгради свој независен beauty-сегмент и наместо тоа се враќа на моделот со лиценцирање.
Вклучен и брендот Creed
Договорот ги вклучува и парфемите на Creed, бренд кој Kering го купи во 2023 година за 3,5 милијарди евра, како дел од планот да навлезе на пазарот на луксузни парфеми, каде што ривали како Hermès и LVMH веќе имаат силна позиција.
Акциите на Kering пораснаа до 5% во раното понеделничко тргување. Од почетокот на годината, вредноста на акциите е зголемена за околу 36%.
Прв голем потег на новиот CEO – Лука де Мео
Ова е прв значаен потег под водство на Лука де Мео, новиот извршен директор на Kering, кој ја презеде функцијата во септември, наследувајќи го Франсоа-Анри Пино, по серија предупредувања за пад на профитот. Семејството Пино останува мнозински акционер со 42% од акциите и 59% од гласачките права.
Иако се очекува де Мео да ја претстави својата стратегија дури напролет, тој веќе започна со реорганизација на бизнисот, посетувајќи продавници, производствени погони и креативни тимови.
Kering се соочува со намалена побарувачка од Кина, повисоки царини во САД и зголемен долг, кој до крајот на 2024 година изнесуваше 10,5 милијарди евра (раст од 24%). Де Мео веќе ги известил акционерите дека главен приоритет му е намалување на долгот и трошоците.
Лиценци на L’Oréal за 50 години
L’Oréal, најголемата светска козметичка компанија, ќе добие лиценци за користење на Kering брендовите во наредните 50 години.
Компанијата веќе поседува лиценца за брендот Yves Saint Laurent, под кој го произведува популарниот парфем Libre. Тој бренд е втор по големина во рамките на Kering, веднаш по Gucci.
Овој потег е „значителна промена во стратегијата на Kering за козметичкиот сегмент“, изјави аналитичарот Пирал Даданиа од RBC Capital Markets
Помал ризик, но и поделени приходи
Даданиа додаде дека враќањето на лиценцен модел значи помали трошоци и ризици, но и поделба на приходите со L’Oréal.
Договорот треба да биде финализиран во првата половина на 2026 година, а L’Oréal ќе му исплаќа tantijemi (надоместок) на Kering за користење на брендовите.