Search

Смеат ли работодавачите да ги тестираат своите вработени за дроги?

Во изминативе неколку години стана многу актуелно работодавачите неочекувано и ненајавено да спроведуваат тестирање за психоактивни супстанции своите вработени.

Некои од работодавачите дури имаат и свои „лаборатории“ каде ги спроведуваат ваквите тестирања. Тестирањето го прават најчесто вработени на повисоки позиции, со т.н. rapid односно брзи тестови.

Доколку тестот излезе „позитивен“ вработениот најчесто веднаш добива отказ од работно место.

Но дали оваа пракса е законска и дали со ваквото постапување се прекршуваат правата на работниците од страна на работодавачите?

Во членот 82 став 1 точка 4 од Законот за работни односи (Пречистен текст)е наведено дека:

„Работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување без отказен рок во случаите на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со овој или друг закон, колективен договор, правилата за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување, а особено ако работникот:  внесува, употребува или е под дејство на алкохол и наркотични средства.“

Значи ли ова озаконување на праксата на работодавачите да ги тестираат своите вработени за наркотични средства?

Пред да одговориме на ова прашање, треба да видиме што значи некој да биде под дејство на алкохол и наркотични средства.

Според науката прво постои разлика во дејството на алкохолот и дејството на различни психоактивни супстанции кои законодавецот ги нарекува наркотични средства. Имено, дејството на алкохолот е брзо, но краткотрајно. Тоа значи дека кога одредено лице ќе земе алкохол, за многу кратко време започнува дејството на алкохолот, кое трае се додека не се разложи и исфрли организмот. Исто така зависи дали одредено лице има помала или поголема толеранција на алкохол, од што зависи и колку количина му треба на одредено лице за да се забележи дејството на алкохолот, но секако после неколку часа, во зависност од испиената количина и видот на алкохолот односно неговата јачина, дејството на алкохолот престанува.

За разлика од алкохолот, при користење на други психоактивни супстанци кои законодавецот ги нарекува наркотични средства, или народски кажано дроги многу е поразлично. Времетраењето на дејството зависи од видот на психоактивната супстанција,  начинот на нејзина употреба и дали лицето употребило една или неколку различни супстанции.

Па така, доколку некој пуши канабис, дејствието започнува половина час до два часа од употребата, во зависност од чистотата и испушената количина, и трае од два до шест часа. Ако некој земе екстази дејствието започнува после десетина минути до половина час, а може да трае  неколку часа, па и цела вечер. Доколку некој инјектира хероин, дејствието започнува буквално веднаш, а трае најмногу  четири до пет часа, ако некој испие метадон дејството започнува постепено, и може да трае во наредните 24 до 36 часа. Дејствието на кокаинот пак, започнува веднаш по вшмркувањето а трае само 30 до 90 минути.

Досега сигурно веќе се запрашавте зошто се важни овие податоци и зошто тоа би ги интересирало работодавачот, односно вработените.

Првата работа зошто овие податоци се важни е фактот дека помеѓу времетраењето на дејството на психоактивната супстанца и нејзиното односно присуството на нејзините деривати во организмот на лицето кое ја конзумирало нема равенство. Најблиску до равенство е при консумација на алкохол, односно додека има присуство на активната супстанца етанол во организмот, алкохолот има психоактивно дејство.

Но оваа равенка се „изместува“ кај останатите психоактивни супстанции. Па така, лице кое пиело алкохол за време на викенд, во понеделник ако се тестира за присуство на алкохол, тестот со најголема веројатност ќе биде негативен, но лице кое пушело канабис или земало таблета екстази на некоја журка истиот викенд, доколку  во понеделник се тестира за присуство на психоактивна супстанца, тестот со најголема веројатност ќе биде позитивен. Тоа е затоа што некои од активните супстанции или нивни деривати може да се задржат во организмот и по една недела па и повеќе. Тоа значи дека присуството на овие супстанци останува во организмот подолго од нивното психоактивно дејство!

Втората важна работа е дека одредени лекови кои дури се издаваат и без лекарски рецепт, имаат во себе активни супстанци кои одговараат на т.н. наркотични дроги. Па така, ако некој поради висока температура или болки во зглобови пие ибупрофен или ако некој поради главоболка се напие кафетин, доколку се тестира за присуство на опијатни дроги од страна на работодавачот ќе покаже присуство на истите, иако можеби никогаш во животот не употребувал наркотични дроги!

Третата работа е дека најчесто работодавачите ги прават овие тестови како брзи тестови, чија точност е многу дискутабилна!

Последната, и најважна работа е дека за да може да тестира работодавецот, треба да земе примерок од плунка/урина/крв што без согласност на вработениот или без судска наредба не смее да го направи.

Сега, да се вратиме повторно на законската одредба. Законодавецот јасно навел дека отказ без отказен рок може да се даде на лице кое е под дејство на алкохол или наркотични дроги, а не на лице кое има присуство на психоактивни супстанции во организмот. Исто така, законодавецот не прецизирал постапка како се утврдува овој факт од страна на работодавецот. Тоа се разбира не значи дека на работодавците им се оставени одврзани раце и дискреционо право да без уредување на ваква постапка со внатрешни акти спроведуваат по случаен избор тестирања на своите вработени.

Во Европската Унија, во поголем број земји е забрането „рандом“ тестирање на вработените, а онаму каде е можно, доколку попрецизно не е регулирано со закон или подзаконски акт, потребно е работодавачот да уреди начин како тоа ќе се спроведува во неговата работна единица без притоа да се повреди правото на приватност или да се прекрши право од работен однос на вработените.

Случајните тестирања за психоактивни супстанции на работно место, доколку постапката за нивно спроведување не е прецизно уредена со правен општ или интерен акт на работодавачот, со сигурност може да доведат до прекршување на правото на приватност, прекршување на правата од работен однос, и се разбира до продлабочување на стигмата и предрасудите кон лицата кои употребуваат дроги, а со тоа и кон нивна дискриминација и маргинализација во општеството.

На крај ќе заклучиме дека работодавачите треба да водат грижа за безбедноста на работниците во работниот процес, но сето тоа мора да е во согласност со закон и меѓународни правила и стандарди за да не се прекршат личните или правата од работен однос на вработените.

Авторката е правничка и активистка за заштита на човековите права

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни