Емотиконите се нераздвоен дел од користењето на социјалните мрежи, паметните телефони и компјутерите денес, а патот до нивната денешна популарност започнува со креацијата на познатото жолто-црно „смајли“.
Најстарите пронајдоци за користење на насмеана фаца се пронајдени во Турција, каде што голема насмеана фаца била изгравирана на глинени садови кои потекнуваат од 1700 година пред нашата ера. Различни верзии на лик кој се смее или тагува биле цртани кон крајот на 19 и почетокот на 20 век од различни автори и весници, но смајлито кое сите го знаеме прв пат се појавува во 60тите години на 20 век.
Дизајнот на модерното смајли бил платен само 45 долари
Модерното смајли за прв пат во својата форма на насмевка со овални очи во жолто округло лице е за прв пат креирано од графичкиот дизајнер Харви Бол во 1963 година на барање на осигурителна компанија State Mutual Life Assurance Company од Масачусетс. Тоа служело како слика за подигнување на моралот на вработените.
За креацијата дизајнерот Бол бил платен 45 американски долари, што пресметано со инфлација, денес би вределе околу 400 долари, сума која изгледа смешно за дизајн кој остави траги во историјата. Иако ова не е првата слика и илустрација на насмеана фаца во светот, сепак станува најпопуларна и од 1963 е испечатена и ставена на беџови, маици, користена на интернет…
Креаторот на смајлито, Бол никогаш не аплицирал за заштита на авторските права на цртежот, а тоа не го сторила ниту осигурителната компанија, поради што тие никогаш не направиле пари од масовното користење на смајлито.
Бол открил дека за креирањето на смајлито потрошил само десетина минути и рекол дека „само нацртав круг со насмеана уста на жолта хартија, бидејќи беше сончево и светло“.
Неговиот син, Чарлс Бол открива дека татко му не зажалил што не го заштитил со авторски права своето дело бидејќи не бил човек кој го движат парите и често знаел да каже „Можам да јадам само еден стек и да возам една кола во моментот“.
„Имај убав ден“ и појавувањето во поп-културата
Во 1970 година, Мареј и Бернард Спајн го искористиле незаштитениот дизајн, ги додале зборовите „Имај убав ден“ и започнале да креираат производи на идустриско ниво, а се верува дека продале над 50 милиони беџови.
Во 1977 година, смајлито се најде и на омтот во Велика Британија на синглот „Psycho killer“ на Talking Heads, што е во спротивност со текстот на песната.
Кон средината на 80тите години, смајлито стана популарно и за љубителите на стрипови, откако беџ со смајли испрскано со крв се најде на насловната страница на популарниот стрип на Алан Мур и Дејв Гибонс, Watchmen. Значката со смајли во стрипот ја носи Комичарот, насилен и циничен суперхерој, кој би бил последен кој би помислеле дека ќе ви каже „имајте убав ден“.
Интернетот го лансира смајлито меѓу младите
На интернет, смајлито како „емоџи“ прв пат се споменува во 1982 година, кога Скот Фалман од Универзитетот Карнеги Мелон го предлага „:-)“ да се користи за одбележување на шегите, а „:-(“ за одбележување на работите кои не се смешни.
Во чат апликациите, смајлито се појавува на преминот од 20 во 21 век, а популаризацијата ја прави Yahoo. Во 1998 година, Yahoo Messenger започнува да користи смајли како икони покрај имињата на користниците, а од ноември 2001 смајли емоџите веќе се адаптирани за користење при допишување.
Првиот сет на емоџи кои може да се користат на телефони и пејџери се креирани од јапонскиот дизајнер Шигетака Курита, кој креирал сет од 176 емоџиња. Всушност и зборот емоџи е јапонски збор што значи слика и буква и е чиста случајност што звучи слично со англискито збор емоција.
Користењето на смајлиња и емоџи во денешно време е толку распространето и нормално, што дури и Оксфорд го избра емоџито – Фаца со солзи од среќа 😂 како збор на годината во 2015 година. Денес бројот на емоџи ја надмина бројката од 3000, а нови се креираат и додаваат во базата секоја година.