Европската комисија го објави најновиот извештај за спроведување на реформите во рамки на Планот за раст за Западен Балкан, при што Македонија покажала скромен напредок, а Албанија и Србија бележат целосен застој.
Според официјалната табела на Механизмот за реформи и раст, Македонија до декември 2024 година исполнила само 2 од 5 планирани чекори, односно 40% од предвидените обврски. За ова доби околу 8,5 милиони евра. Но, кога станува збор за целите што треба да се постигнат до крајот на 2025 година – сликата е значително полоша: ниту една од 19-те планирани реформи не е реализирана.
Тоа значи дека Македонија ризикува да остане без 134 милиони евра од ЕУ фондовите, а доколку не се испорачаат и дополнителни обврски, вкупно се доведуваат под знак прашалник 205 милиони евра европска поддршка.
Во следните неколку месеци, земјата ќе треба да спроведе дури 48 реформи – и нови и заостанати – од кои дел со години се избегнуваат. Меѓу нив се: реорганизација на железничкиот систем, зголемување на бројот на трудови инспектори, пополнување на институциите како Агенцијата за одземање имот, реформа на енергетскиот сектор, модернизација на владините објекти, сајбер-безбедност, подобрување на судскиот систем и антикорупциски мерки.
Дополнително, Македонија треба да ги дигитализира училиштата, да ја намали неформалната вработеност, да ја унапреди јавната набавка и управувањето со јавните претпријатија, како и да воведе контрола на трошењата преку редовна интерна ревизија.
Но, и покрај разочарувачките резултати, Македонија не е најлоша во регионот. Според извештајот, и Албанија и Србија не реализирале ниту еден од планираните чекори – со нула проценти учинок и без исплата на европски средства. Единствена земја со релативно задоволително темпо е Црна Гора, која има исполнетост од 50%.
Планот за раст на ЕУ е замислен како инструмент за економско приближување на земјите од Западен Балкан до ЕУ преку реформи, за кои ќе се добие финансиска поддршка во вредност од 6 милијарди евра. Но без конкретни резултати – нема пари, порача Брисел.
📎 Целосен извештај на ЕК – мониторинг табела
Извор: Независен.мк